ЕЦБ: Бугарија е единствениот значаен успех во проширувањето на еврозоната
Приемот на Бугарија во еврозоната се издвојува како единствениот значаен успех во процесот на проширување на валутниот сојуз, покажува најновиот извештај за конвергенција на Европската централна банка, јавува БГНЕС.
Според ЕЦБ, останатите земји членки на ЕУ кои сè уште не го вовеле еврото практично стагнираат во исполнувањето на критериумите за членство. Институцијата оценува дека економското приближување било забавено од надворешни шокови, додека јавните финансии во повеќето држави се влошиле во изминатите две години.
Во извештајот, цитиран од Ројтерс, се наведува дека Чешка, Унгарија, Полска, Романија и Шведска остануваат со години оддалечени од пристапување кон еврозоната.
Особено критична е оценката за Унгарија, која, и покрај целта да ги исполни критериумите до 2030 година, не исполнува ниту едно од основните барања. Земјата се соочува со високо ниво на јавен долг и каматни стапки, како и со буџетски дефицит, инфлација и осцилации на националната валута над дозволените прагови.
ЕЦБ наведува и дека унгарското законодавство за централната банка не е целосно усогласено со барањата на ЕУ. „Понатамошното подобрување на квалитетот на јавните институции и нивната заштита од политичко мешање, борбата против корупцијата, примената на соодветни политики на пазарите на производи и заштитата на владеењето на правото се предуслови за раст воден од приватниот сектор“, посочува ЕЦБ.
Заклучокот на Европската централна банка е дека по приклучувањето на Бугарија кон еврозоната, ниту една од останатите држави надвор од валутниот сојуз не постигнала значителен напредок кон воведување на еврото.

