КИНЕСКИОТ МОДЕРЕН ТАНЦ „БУДЕЊЕ“ ДЕНЕСКА ВО МНТ

„Будење“ е насловот на модерниот танц во режија на Шјуесонг Ванг со кој вечер (12 февруари), со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар ќе настапи кинескиот танцов театар „Гуангдонг сонг енд денс“ (Guangdong Song & Dance Theater).

Преку изведбата ќе биде раскажана приказната за едно девојче што случајно се родило на село, наспроти очекувањата да се роди во некој голем и модерен град.

Соочувајќи се со истите животни ситуации како и секоја друга девојка, нејзината приказна станува посебна. Танцот ќе долови како таа се соочува со предизвиците во животот и љубовта и постапува како зрела и возрасна личност во сите нејзини успеси и падови. Развојот на дејството во „Будење“ содржи стилски фигури, како што се, на пример, метафора и имперсонација. Инспириран од принципите на современите изведувачки уметности, „Будење“ ги спојува традиционалната кинеска изведувачка уметност и дисциплината таи чи.

„Будење“ ја обработува темата за бесконечноста на природата истакнувајќи ја позитивната врска меѓу човекот и природата и меѓу човекот и животот од перспектива на модерната естетика.