ВМРО-ДПМНЕ: Герасимовски манипулира, дефектолозите не му се во програмата, туку станува збор за вработување партиски војници
Герасимовски да не манипулира, дефектолозите што ги зборува не му се во програмата, туку станува збор за вработување партиски војници, порача ВМРО-ДПМНЕ откако градоначалникот на Центар објави дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги блокира вработувањата на административно технички персонал и дефектолози во основните училишта.
Од владејачката партија велат дека Герасимовски и СДСМ си поигруваат и манипулираат со чувствата на родителите и најмладите, за да се скријат од деценија расипништво во Центар.
„Кога се крати од сите развојни програми на општината за да се платат судски трошоци од милиони евра, прво решение што му текна на Герасимовски е вработување партиски кадри.
ВМРО-ДПМНЕ не е против нови вработувања, онаму каде што е потребно. Но, тоа не смее да биде алатка за ублажување на гневот и разочараноста на Центарци. Мора да биде процес кој е транспарентен, со добро образложение и оправданост.
Моментот на оваа одлука се поклопува точно со судската пресуда, Центар да врати 2,5 милиони евра оштета на градежна компанија од Гостивар, поради раскинување на договор за изградба на катна гаража. Јасна е целта.
Ако Герасимовски четири години раководи со општината, а СДС повеќе од една деценија, и проблемот со недостигот на технички персонал и дефектолози е толкав колку што го опишува, вистинското прашањето е зошто овој недостиг не е решен со време, туку се актуелизира токму сега“, се вели во партиската реакција.

