ЕК ја поздрави одлуката за пристапувањето на Бугарија кон еврозоната
Европската комисија ja поздрави одлуката на Советот на Европската унија да го одобри приклучувањето на Бугарија кон еврозоната на 1 јануари 2026 година, со што земјата ќе стане 21-та членка што ја воведува единствената валута – еврото, јавува БГНЕС.
„Бугарија, еврото доаѓа! На 1 јануари 2026 година Бугарија ќе стане 21-та земја од еврозоната. Ова значи многу повеќе од само нова валута – тоа е вистинско достигнување. Еврото ќе ја зајакне економијата на Бугарија и ќе донесе значителни придобивки за бугарските граѓани и бизниси“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Комесарот за економија, Валдис Домбровскис, додаде: „Еврото влијае позитивно врз растот благодарение на целосната интеграција во единствениот пазар на ЕУ, каде што бугарските производи и услуги ќе станат поконкурентни. Долгорочно, еврото придонесува за постабилни цени и ја зајакнува отпорноста на економијата при ненадејни шокови.“
Оваа историска одлука следи по извештајот за конвергенција на Комисијата за 2025 година, објавен на 4 јуни, во кој се констатира дека Бугарија успешно ги исполнила критериумите за воведување на еврото. Оценката беше потврдена и од страна на Европската централна банка истиот ден. Денес Советот го утврди и официјалниот девизен курс, што го отвора патот за непречен премин од лев во евро.
Приклучувањето кон еврозоната ќе донесе опипливи придобивки за бугарските граѓани и компании: укинување на трошоците за менување валута, полесни трансгранични плаќања, поголема транспарентност на цените и подобар пристап до финансирање. Членството ќе го поттикне трговијата, инвестициите и отворањето нови работни места, а Бугарија ќе добие и посилна улога во институциите за донесување одлуки, како Европската централна банка и Еврогрупата. Еврото ќе им овозможи на Бугарите полесно да патуваат, работат и да водат бизнис во еврозоната, одразувајќи ја посветеноста на земјата кон единствена и просперитетна Европска унија.
