Филипче: Нема да дозволиме изборен грабеж, ќе го блокираме Изборниот законик во ваква форма
СДСМ нема да дозволи носење на Изборниот законик во форма што отвора сериозни сомнежи за злоупотреби, нерегуларности и нарушување на легитимноста на изборниот процес, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека партијата ќе го блокира законот.
„Токму овој начин на гласање на дијаспората, кој што го предлага Христијан Мицкоски да се имплементира кај нас, не е ниту европски, не е ниту демократски. Оваа измена на закон, со која што се воведува ваков начин на гласање, електронски, на нашата дијаспора, не знаеме колку илјади луѓе се тоа, 100, можеби 200 илјади луѓе, отвора можност за злоупотреба, за контролирано гласање, за тоа еден човек да гласа во име на повеќе луѓе“, обвини Филипче.
Филипче потсети дека станува збор за предлог што доаѓа од партија со сериозен товар од минатото во однос на изборните процеси.
„Да ја потсетам јавноста дека овој ваков закон го предлага партија и тоа како добро позната по злоупотреби на изборниот процес. Зошто да ја изложиме државата на ризик? Ден, два или на самиот ден на гласањето таквиот електронски систем да биде хакиран. Како ние тогаш ќе можеме да бидеме сигурни дека имаме легитимни избори“, потенцираше претседателот на СДСМ.
Филипче нагласи дека на сите овие суштински забелешки Мицкоски нема одговор, туку само инсистирање спорниот член да остане во законот.
„Ова се конкретни забелешки, а премиерот нема конкретен одговор на овие забелешки, освен дека инсистира оваа одредба, оваа промена на овој член во Изборниот закон да остане и така да се донесе во Собранието. Поради сите овие причини, ние овој закон ќе го блокираме и амандманите ќе бидат поднесени на денешната закажана комисија во Собранието“, појасни Филипче.
