|

МВР објави повик за упис во средното полициско училиште

Министерството за внатрешни работи објави повик за прием на 200 редовни ученици за Средното полициско училиште „7-ми Мај“.

Редовните ученици кои завршиле втора година средно образование во средните училишта на територијата на Република Северна Македонија (кандидатите) треба да ги исполнат општите и посебните услови за прием и селекција утврдени со закон и подзаконски пропис донесен врз основа на закон.

2. Секој од кандидатите треба да ги исполни следните општи услови:
– да е државјанин на Република Северна Македонија,
– да нема навршено 18 години возраст на денот на објавување на јавниот повик за прием на ученици во Средното полициско училиште,
– активно да го користи македонскиот јазик и
– да е здравствено и психофизички способен.

3. Секој од кандидатите треба да ги исполни следните посебни услови:
– општиот успех во двете завршени години средно образование да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование во средно училиште,
– да ги поседува потребните моторички способности,
– да го положи општообразовниот тест и
– успешно спроведено интервју, односно поединечен разговор со кандидатот.

4. За исполнетост на општите услови, кандидатите задолжително доставуваат докази во оригинал или копија заверена на нотар и тоа:
– извод од матична книга на родените,
– државјанство;
– свидетелства за завршена прва и втора година средно образование,
– лекарско уверение за здравствена и психофизичка способност и
– две фотографии, со димензии 3,5 см х 4,5 см.

5. Кандидатите се пријавуваат со поднесување на пријава од страна на родителот, старателот или застапникот по закон на кандидатот, кој се легитимира со важечка лична карта или пасош при поднесување на пријавата.

При поднесување на пријавата, родителот, старателот или застапникот по закон на кандидатот потпишува изјава за доброволно пристапување кон прием и селекција на кандидатот со неможност за барање на отштета од Министерството во случај на повреда за време на спроведување на селекцијата.

Во прилог на пријавата се доставуваат потребните докази за исполнетост на општите услови.

Пријавата се поднесува во едно од определените места за пријавување, и тоа:
– Сектор за внатрешни работи Скопје:
– Полициска станица од општа надлежност-Гази Баба,
– Полициска станица од општа надлежност-Бит Пазар и
– Полициска станица од општа надлежност-Карпош.
– Сектор за внатрешни работи Битола;
– Сектор за внатрешни работи Велес;
– Сектор за внатрешни работи Куманово;
– Сектор за внатрешни работи Тетово;
– Сектор за внатрешни работи Охрид;
– Сектор за внатрешни работи Струмица,
– Сектор за внатрешни работи Штип.

Пријавата се поднесува во рок од 15 (петнаесет) дена, не сметајќи го денот на објавување на јавниот повик. Пријавата и доказите се доставуваат на наведените места од 08 до 16 часот.

6. Селекцијата за запишување во училиштето ја спроведува Комисија за прием и селекција на ученици во Средното полициско училиште формирана од страна на министерот за внатрешни работи, која по утврдување на навременоста и потполноста на потребната документација, степенот на исполнетост на посебните услови го утврдува низ три фази на селекција и тоа:

– Проверка на моторички способности – од страна на Комисија за спроведување на проверките на моторичките способности на пријавените кандидати преку:
а) утврдување на висината на ученикот, пришто минималната висина за мажи е 170 см, а за жени е 160 см;
б) изведување „склекови“, пришто се оценува бројот на правилно изведени склекови во интервал од 10 секунди. Минимален број на склекови за мажи е 9, а за жени е 6;
в) изведување „стомачни подигања“, пришто се оценува бројот на правилно изведени стомачни подигања во интервал од 30 секунди. Минимален број на стомачни подигања за мажи е 16, а за жени е 12;
г) изведување „скок во далечина од место“, се мери должината на скокот од одразното место до доскочното место со петите на нозете. Минимална должина на скокот од одразното место до доскочното место изнесува 170 сантиметри за мажи и 140 сантиметри за жени. Скокот од далечина од место се изведува во два обиди;
д) изведување „спринт на 100 метри“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 100 метри. Минимално време за мажи изнесува 15 секунди, а за жени изнесува 18 секунди;
ѓ) „трчање на 1200 метри за мажи“, се мери времето од стартот до целната линија поставена на 1200 метри. Минимално време изнесува 5 минути;
е) „трчање на 600 метри за жени“ се мери времето од стартот до целната линија поставена на 600 метри. Минимално време изнесува 2 минути и 30 секунди.
Бодовите од проверката на моторичките способности претставуваат збир од добиените бодови од сите поединечни вежби, кој изнесува најмногу 40 бода.

Доколку пријавениот ученик не го исполни утврдениот минимум само на една од поединечните вежби, ќе се смета дека ја поминал фазата проверка на моторичките способности доколку кумулативниот збир на добиените бодови од останатите поединечни вежби изнесува најмалку 21.

– Писмено тестирање (општо-образовен тест) кое го врши Комисијата за прием и селекција на ученици и е составен од 40 прашања со повеќекратен избор.

Секое прашање во писмениот тест носи 1 бод и е составено од:
а) воведна реченица,
б главно прашање кое е јасно и недвосмислено формулирано и
в) три алтернативи (одговори од кои еден е точен и истите се наредени по нумерички или азбучен редослед).

Максималниот број на бодови кои ученикот може да ги освои во оваа фаза се 40 бодови. Се смета дека ученикот го положил писмениот тест доколку на истиот освои најмалку 21 бод.

– Интервју кое го спроведува Комисијата за прием и селекција на ученици како поединечен устен разговор со пријавеното лице.

Со интервјуто се оценува општиот впечаток за ученикот, комуникациските способности, мотивираност да извршува полициски работи, лични квалитети.

Максималниот број бодови кои ученикот може да го освои во оваа фаза се 20 бодови. Се смета дека ученикот ја поминал оваа фаза доколку освоил најмалку 11 бода.

Доколку два или повеќе кандидати врз основа на добиениот збир на бодови од поединечните фази имаат еднаков број на бодови, од страна на Комисијата се повикуваат на дополнително интервју.

7. За продолжување на селекцијата, односно вклучување во следната фаза на селекција, ученикот треба да освои минимум број на бодови во фазата на селекција која ја завршил.

8. Врз основа на вкупниот број на освоени бодови од поединечните фази на селекција (моторички способности; писмено тестирање (општо образовен тест) и интервју (поединечен разговор со пријавените ученици), од страна на Комисија за прием и селекција на ученици се изготвува конечна ранг–листа на примени ученици во Училиштето.

9. Комисијата за прием и селекција на ученици изготвува конечна ранг – листа на примени ученици, која ја објавува на огласната табла на училиштето и на веб-страницата на Министерството.
10. Статус на редовен ученик во Средното полициско училиште се стекнува со запишување во Средното полициско училиште.

За запишувањето на редовните ученици потребна е писмена согласност на родителот, старателот или застапникот по закон на ученикот. Посебните права и обврски на учениците во Средното полициско училиште се уредуваат со договор, кој се склучува со родителот, старателот или застапникот по закон на ученикот.

11. За учениците запишани во Средното полициско училиште, Министерството за внатрешни работи обезбедува сместување во ученички дом во рамки на Полициската академија, исхрана и работна облека.

12. За завршената учебна година на образование во Средно полициско училиште, Министерството за внатрешни работи издава свидетелство. За завршено средно образование во Средно полициско училиште се издава диплома. Свидетелството и дипломата се јавни исправи.

13. Учениците во Средното полициско училиште по завршувањето на четвртата година на образование, полагаат испит за завршување на средно образование согласно со Законот за средното образование и Концепцијата за испити на крајот на средното образование.

14. Со учениците кои ќе завршат средно полициско училиште, Министерството за внатрешни работи ќе заснова работен однос без јавен оглас на работно место – полицаец, согласно закон.

 

Слични Објави