Дујовски: Целта на дојавите за бомби во училиштата е да се создаде страв и паника меѓу населението
Деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски денеска изјави дека целта на лажните дојави за бомби во средните училишта е да се создаде страв и паника меѓу населението и оти не случајно се избираат училиштата. Ова, вели тој, е токму „како по книга“ како се прави хибридна закана.
– Овој тренд почна пред неколку месеци прво во Србија, Белград, Нови Сад потоа и Сараево. Еве сега и кај нас. Да, тоа е дел од закани коишто засега остануваат само во фаза на погрешно испратени пораки, меѓутоа полицијата има обврски и добро е што се постапува на тој начин. Децата и наставниците и сите присутни во училиштата мора веднаш да бидат евакуирани и однесени на безбедно и полицијата да ја провери секоја дојава за поставена бомба или каква било закана. Тоа се прави и ќе се прави во наредниот период. Министерството за внатрешни ги гради капацитетите да може да одговори на ваквите закани, да ги пресретне ваквите пораки, да ги анализира и да ги спречи едноставно, изјави професорот Дујовски за утринската програма на Македонската телевизија.
Намерите на луѓето кои ги праќаат овие пораки, истакнува деканот на Факултетот за безбедност, да предизвикуваат страв и паника кај населението се повеќе од евидентни.
-Веројатно не е можно да се случи некаква поголема штета освен напишаната порака, но ние секако мора да бидеме претпазливи затоа што едноставно светот, а особено овој регион е многу чуствителен на таквите хибридни закани и на се друго што може да предизвика вознемиреност. Не случајно се избираат училиштата, средните училишта воглавно. Затоа што таму децата патуваат самостојно, родителите вообичаено не знаат каков е процесот додека децата се таму и ова е токму онака како по книга како се прави хибридна закана, вели Дујовски.
Според него, добро е што разменуваме информации во мрежата на НАТО бидејќи овие прашања не се само за Македонија, ниту пак сме ние единствена земја изложена на вакви притисоци и добро е да ги градиме нашите капацитети и натаму.
-Се надевам дека овој тренд ќе се смири и се надевам дека институциите ќе се посветат на ниво на задачата, впрочем како и досега, рече деканот на Факултетот за безбедност.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера најави дека најголем дел од заканите за поставени бомби во средните училишта се лоцирани од каде доаѓаат и оти Министерството работи на заштита.
Вчера во Скопје во девет средни училишта имаше лажни дојави за поставени бомби.
Извор: zoom.mk