| |

Кризата нема да ја донесе е-гласањето, туку изборниот исход*

Ивон Величковски

Претстојната политичка криза нема да се случи поради е-гласањето на дијаспората туку поради исходот од парламентарните избори. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Левица го одржуваат постојниот модел и затворени листи за да го одржат монополoт над претставништвото на несистемските – мнозинството Македонци.

Договорот е “Поголемо државно финансирање за постојните партии – една изборна единица ќе се решава друг пат”. Така со окупирано и корумпирано претставништво ги одржуваат своите “партии” – акционерски друштва. Со пари од Буџетот. Преку нив, институциите се зависни од клановите распоредени преку овие партии.

А зад секој од тие кланови стојат пар вмрежени фирми, банки и нивни медиуми кои сакаат економскиот и финансискиот систем да остане како до сега. Така трите го држат кинеско-рускиот економско-воен интерес распослан преку “српскиот свет” во Северна Македонија.

Непретставеноста што вака се создава (особено кај Македонците) има за цел излезност од 30-40% што треба да им легитимира нов мандат – за да продолжат да го блокираат евроинтегративниот процес:

– ВМРО-ДПМНЕ барајќи гаранции,

– СДСМ “чекајќи” Мицкоски да “ретерира”,

– Левица продавајќи “социјална правда и неврзаност”.

Затоа никој од нив не зборува како да се полни, туку како да се троши буџетот. Изборот што им го нудат на Македонците е апстиненција или иселување.

Северна Македонија испразнета, непродуктивна, зависна од кредити – е нивниот рај. И рај за српско-руско-кинеската оска за која очигледно свесно одработуваат. И за оваа мисија си определуваат свои вазали кај немнозинските заедници кои “мафтаат со опавчињата” среќни што им “дале ресори”.

Ако 2001 донесе “експлозија” што ја надминавме поради тогашната економска одржливост, 2026/7 ќе донесе “имплозија”. А таа е закана пред се по социјалната структура на населението и судирот со власта на трите партии го прави неминовен.

1991 македонскиот народ и нацијата избра независност за европска и евроатланска припадност. Глупаво е по 35 години да си ја уништиме државата за да се вратиме назад и да станеме дел од блискоисточното прашање.

* Наловот е на редакцијата.



Слични Објави