Преку апликација, возачите во реално време ќе проверуваат каде има слободни паркинг-места во Центар
Општина Центар воведува нови дигитални решенија со цел побрзо, поефикасно и поедноставно користење на услугите за паркирање, без потреба од чекање на шалтери, најави градоначалникот Горан Герасимовски. Тој вели дека се предвидува воведување на сензорски системи кои во реално време ќе ја покажуваат пополнетоста и расположливоста на паркинг-местата во Општината.
Во фокусот на овие реформи е развојот на нови мобилни апликации преку кои граѓаните ќе имаат целосен увид и контрола врз услугите што ги користат.
Апликациите ќе овозможат навремени известувања, поднесување барања, следење на статусот на услугите, како и поедноставена комуникација со ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
„Дигитализацијата е клучна алатка за подобрување на процесот на паркирање. Работиме на нови мобилни апликации преку кои корисниците ќе бидат целосно информирани и ќе можат брзо и лесно да ги користат услугите“, рече Герасимовски.
Дополнително, се предвидува воведување на сензорски системи кои во реално време ќе ја покажуваат пополнетоста и расположливоста на паркинг-местата. Овој систем ќе им помогне на возачите побрзо да најдат слободно место и ќе го намали непотребното кружно движење низ општината.
Воведувањето на сензорите ќе се реализира фазно, согласно техничките можности и реалните потреби.
Првично, тие ќе бидат поставени во монтажните гаражи, затворените паркиралишта и на најоптоварените локации.
Директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски, вели дека ќе стимулираат поголемо користење на онлајн аплицирањето.
„Еднократниот надоместок за склучување договор, кој досега изнесуваше 350 денари, ќе биде бесплатен за сите што ќе аплицираат електронски. Очекуваме значително зголемување на бројот на онлајн корисници и намалување на гужвите на шалтерите“, истакна Коцевски.

