Бугарија ќе набави седум противмински бродови од Белгија и Холандија
Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов денеска потпиша Меморандум меѓу Бугарија, Белгија и Холандија за набавка на седум противмински бродови. Документот го потпишаа и министрите за одбрана на Белгија и Холандија, Тео Франкен и Дилан Јешилѓоз-Зегериус, во рамки на самитот на НАТО во Анкара.
„Безбедноста во Црното Море има огромно влијание врз евроатлантската безбедност, а Бугарија се стреми да биде сигурен сојузник и да придонесува кон заедничките напори за зајакнување на одвраќачкиот и одбранбениот потенцијал на НАТО“, изјави Стојанов.
Тој нагласи дека со набавката на бродовите од военоморските сили на Белгија и Холандија, Бугарија ќе ги зголеми своите способности за поморска одбрана. Според него, противминските бродови ќе придонесат за Противминската военоморска група во Црното Море и за одбранбениот потенцијал на Алијансата на источниот фланг.
Претходно, Стојанов, заедно со министрите за одбрана на Романија и Турција, Раду Мируца и Јашар Ѓулер, потпиша измена на Меморандумот за разбирање меѓу трите земји за Противминската военоморска група во Црното Море. Со измените се додава нова задача – набљудување и разузнавање во поддршка на заштитата на критичната подводна инфраструктура.
„Покрај безбедноста на пловидбата, заштитата на критичната подводна инфраструктура е меѓу најважните предизвици за поморската безбедност денес“, истакна Стојанов, додавајќи дека проширувањето на задачите е навремен одговор на променетата безбедносна средина во Црното Море.
