Јотова за „Евровизија“ во Бургас: Имаме шанса да го покажеме бугарското гостопримство и да привлечеме туристи на Црноморието
Претседателката на Бугарија Илијана Јотова го поздрави изборот на Бургас за домаќин на „Евровизија 2027“, оценувајќи дека градот има „неверојатна шанса“ да ги претстави бугарското гостопримство, културно-историските традиции и Црноморието пред европската публика, јавува БТА.
„Имаме неверојатна шанса да го покажеме пословичното бугарско гостопримство, да ги запознаеме гостите со културно-историските традиции на градот и земјата и да ги привлечеме како активни туристи на Црноморието“, изјави Јотова.
Двата полуфинала на „Евровизија 2027“ ќе се одржат на 11 и 13 мај, а финалето е закажано за 15 мај.
Јотова истакна дека Бургас има долгогодишни музички традиции и е домаќин на конкурсот „Бургас и морето“. Таа им порача на жителите дека треба да се гордеат со својот град и најдобро да ја искористат можноста да бидат домаќини на Европа.

