| |

Се спори за тоа кој е прикажан на уникатната фреска од 1909 година во црквата на М’глижкиот манастир

Вањо Стоилов/24 часа

На северниот ѕид на црквата во М’глижкиот манастир „Св. Никола Чудотворец“, лево од олтарот, и денеска постои уникатен фрескоживопис со димензии 2,5 на 2 метри, на кој во цел раст се претставени тројца свети мажи. За браќата Методиј и Кирил, насликани по тој ред одлево надесно гледано од страна на поклониците, нема спор. Но третиот лик до нив со години предизвикува прашања — според едни, тоа е ирскиот заштитник свети Патрик, а според други, ликот е на свештеномаченикот Патрикиј, епископ на древниот град Пруса, денешна Бурса, на територијата на современа Турција.

За авторот на фреската нема спор — таа е дело на казанлачкиот зограф Петјо Илиев Стефанов-Ганин, последен претставник на Дебарската зографска школа. Тој се смета и за еден од последните претставници на бугарската Преродба. Во младоста, идниот зограф учел кај дебарскиот мајстор Антон Дебарлијата, а во 1860 година ја добил својата прва самостојна мајсторска задача. Како човек со широк духовен хоризонт, Ганин бил познат и како пријател и личен курир на Васил Левски, со кого се запознал во јануари 1869 година. Познат е и како главен директор на театарот при читалиштето „Искра“ во Казанлак и како еден од основоположниците на бугарската сценографија. Ја обиколувал земјата, сликајќи икони и иконостаси. На фреската во црквата на М’глижкиот манастир, изградена во 1834 година, работел и ја завршил во 1909 година, кога веќе имал 70 години. Тоа е документирано со натписот долу десно од фигурата на третиот светец, на местото каде што обично се потпишува авторот. Таму неговото име недостига, а натписот гласи: „Со средства на Ирландецот О’Махони“, како и годината 1909. И тоа е неоспорен факт — спонзор на фреската, како што би рекле денес, бил ирскиот добротвор, општественик и филантроп Пирс О’Махони, кој во 1904 година во Софија отворил пансион за сираци од Македонија и од Лозенградскиот крај, кои останале без родители по задушувањето на востанијата таму во 1903 година. Интересен е фактот што во различни извори името на овој пансион е напишано на два начина — како „Свети Патрик“, како што е вообичаено на Запад, но и како „Свети Патрикиј“, како што би звучело на Исток.

За Ирецот се знае дека бил близок со високи бугарски духовници, меѓу кои и со архимандрит Јосиф Бакaрџиев, кој од 5 септември 1905 до 1914 година управувал со Старозагорската епархија. Тој бил една од највлијателните личности во Бугарската православна црква на почетокот од XX век. Двајцата често ја посетувале Долината на розите, каде што се наоѓа и М’глижкиот манастир. Нарачката до Петјо Ганин да ја живописа манастирската црква била дадена токму во времето на управувањето на архимандрит Јосиф. Во тоа време игумен на манастирот бил 58-годишниот архимандрит хаџи Кирил Христов од селото Енина, кој не криел дека светата обител се соочувала со сериозни финансиски проблеми.

Натписот за спонзорството на О’Махони веројатно бил една од причините книжевниот историчар и критичар Иван Матев од Стара Загора, долгогодишен директор на музејот „Книжевна Стара Загора“, прв да проговори за „ирска трага“ во М’глижкиот манастир и за уникатната фреска во него, на која, единствено не само кај нас туку веројатно и во светот, на едно место се претставени православни и католички светци — светите браќа Кирил и Методиј и ирскиот свети Патрик. Своето откритие тој првпат ѝ го претставил на научната јавност во 1988 година, за време на јубилејната научна сесија на тема „25 години Великотрновски универзитет“. Иако живееле во различни векови, со временска разлика од речиси 400 години, тројцата мажи од фреската ги поврзува нивното заедничко дело како проповедници на христијанската вера и просветители — Кирил и Методиј меѓу словенските народи, а Патрик меѓу Скандинавците и Келтите. Матев во оваа претстава гледа своевиден духовен мост меѓу Истокот и Западот, а можеби дури и синкретички култ кон Кирил и Методиј и кон Патрик Ирски како модел за обединување на Источната и Западната црква. Создавачи на овој култ, според него, биле Јосиф Бакирџиев, Пирс О’Махони и зографот Петјо Ганин.

Неоспорен факт е и тоа што браќата Кирил и Методиј, освен на Исток, биле почитувани и на Запад уште за време на нивниот живот, а некои ги прифаќаат и како западни светци. Не случајно Кирил е погребан во Рим. Во декември 1980 година папата Јован Павле II дури ги прогласил за сопокровители на Европа. Теолозите објаснуваат дека покровителите на Европа се христијански светци што во традицијата на Римокатоличката црква се почитуваат како небесни заштитници и застапници пред Бога за цела Европа.

И обратно — ирскиот свети Патрик се почитува на Исток како западен светец од времето пред расколот во 1054 година. Со браќата го поврзува и тоа што сите тројца го бранеле правото на секој народ да ја исповеда својата вера и да ја развива својата култура на сопствениот мајчин јазик. Историјата на свети Патрик е добро позната. Тој се чествува на 17 март, бидејќи се смета дека починал на тој датум во 461 година. За него се раскажува дека проповедал со трилисна детелина во раката, како олицетворение на концептот за Света Троица — секој од листовите симболизирал едно од лицата на христијанскиот Бог: Отецот, Синот и Светиот Дух, кои истовремено образуваат една целина. Според легендата, дрвениот стап на Патрик пуштил ластари, како живо дрво. Токму така, со ластари, во М’глижкиот манастир е насликан и неговиот жезол, со кој го предводел своето паство. Освен тоа, мажот на фреската на главата носи католичка тијара, односно митра, додека источните светци се прикажуваат со непокриена глава.

Во текот на годините, од Ирската амбасада во Софија давале до знаење дека м’глижката претстава ја прифаќаат како лик на заштитникот на нивната земја, свети Патрик. Во еден момент дури се зборувало дека оттаму се подготвени да спонзорираат евентуална реставрација на делото. Меѓутоа, од нејасни причини, тоа никогаш не се случило, па денес боите на фреската се избледени, а некои нејзини детали многу тешко се забележуваат. Уште повеќе, досега не е познато дека на фреската ѝ било посветено ново научно истражување од страна на стручни лица, иако таа несомнено има потреба од такво истражување.

Дотука ништо не ја побива добро изградената теорија за ирскиот светец претставен во бугарски православен храм. Но внимателното набљудување на фреската, кое многумина го занемаруваат, покажува нешто поинакво — околу ликот на третиот светец е напишано: „Св. свештеномаченик Патрикиј, епископ Пруски“. Во православната иконографија постои традиција дополнително да се впишува името на личноста чиј лик е претставен на соодветната икона, а токму тука излегува на виделина очигледната противречност меѓу иконографската претстава и објаснувачкиот натпис на фреската.

Ликот на свети Патрик Ирски /свештеномаченикот Патрикиј Пруски/ со натписот околу неговата глава, фотографиран одблиску. Фото: Вањо Стоилов
Како што налага православната традиција, покрај ликовите на светците од фреската се испишани и нивните имиња. Прашањето е кој го направил тоа и кога? Фото: Вањо Стоилов

Прв што го забележал тоа бил казанлачкиот учител и истражувач на локалната историја Димитар Делиjски, што му дало основа да тврди дека во М’глижкиот манастир нема „ирска трага“, туку „византиски сон“ — алузија на грандиозните геополитички амбиции на тогашниот бугарски државен поглавар, царот Фердинанд, за обновување на средновековната бугарска величина со центар во Константинопол, при што тој самиот би бил крунисан и за византиски император.

Тоа има свое објаснување. Според Делиски, третиот светец претставен на фреската не е ирскиот Патрик, туку свештеномаченикот Патрикиј Пруски, како што е напишано и покрај неговиот лик. Неговата историја е помалку позната, но и тој е посредно поврзан со браќата Кирил и Методиј, иако исто така живеел многу пред нив — во IV век. Патрикиј го проповедал христијанството во околината на некогашниот град Пруса, во областа Витинија, денешна Бурса во Мала Азија, Турција. Таму се наоѓал и манастирот „Полихрон“, во кој во средината на IX век браќата ја создале глаголицата и ја преведувале Библијата.

Во денешно време од овој манастир нема никаква трага, но останал споменот за подвигот на епископ Патрикиј, кој како христијански проповедник не се откажал од својата вера и бил обезглавен по наредба на царскиот намесник и управител на Витинија, Јуниј, страстен идолопоклоник. Патрикиј ја нашол смртта заедно со тројца презвитери — Акакиј, Менандар и Полиен. Тоа се случило на 19 мај 363 година, а на тој датум и денес Православната црква го чествува нивното дело и нивната преданост кон верата. Пред да нареди да биде погубен со секира, Јуниј сакал жив да го свари христијанинот, потопувајќи го во врелата вода на еден минерален извор. Но Патрикиј упатил сесрдна молитва кон Бога, по што водата на неговото тело дејствувала како да е млака.

Димитар Делиски смета дека претставувањето токму на Патрикиј Пруски било гест кон Фердинанд, бидејќи Пруса се наоѓала во некогашна Византија, од другата страна на Константинопол, кон кој биле насочени амбициите на бугарскиот владетел. Тука треба да се напомене дека во 1909 година, една година откако Бугарија ја прогласила својата независност и кнезот ја добил титулата цар, Фердинанд бил на врвот од својата моќ, па еден ваков гест кон него бил сосема вообичаен. Дотолку повеќе што историски е докажано дека и Јосиф Бакирџиев и Пирс О’Махони биле пријатели со монархот и веројатно немале ништо против таквиот гест.

За жал, здравствената состојба на истражувачот на локалната историја од Казанлак денес не дозволува со него да се разговара за овие прашања. Но во своите текстови тој предупредува Пруса да не се меша со Прусија, иако станува збор за Германецот Фердинанд.

Според Димитар Делиjски, постоела уште една причина зографот да го претстави токму свештеномаченикот од Пруса — тоа бил гест кон неговиот покоен татко Илија Стефанов. Сликарот бил познат под презимето Ганин, според името на неговата мајка Гана, бидејќи не го познавал својот татко, објаснува Делиjски. Татко му бил патувачки трговец, кој имал сопствен ан во Казанлак и продавница за килими во Пруса, односно Бурса. Веднаш по раѓањето на синот заминал по трговски работи во Пруса, каде што загинал под неразјаснети околности. Таму се наоѓал неговиот гроб, пред кој синот никогаш не успеал да се поклони.

Браќата Кирил и Методиј творат во монашка ќелија во манастирот „Полихрон“ — современа претстава во црквата на М’глижкиот манастир, чиј автор веројатно е Ангел Радушев. Фото: Вањо Стоилов
Зографот Петјо Ганин. Фото: Архива

Но зошто, и покрај недвосмислениот натпис, зографот го насликал прускиот свештеномаченик со ликот на ирскиот светец? Едно од можните објаснувања е дека Ганин сликал според претстава на Ирландецот од разгледница што лично му ја дал О’Махони. Ваквите разгледници во тоа време биле многу популарни.

Поштенска картичка со ликот на ирскиот светец, свети Патрик, од почетокот на XX век. Фото: Архива

Противречноста меѓу иконографската претстава на третиот маж на фреската и натписот ја забележала и долгогодишната игуманија на М’глижкиот манастир, мајка Рахила. Во својата книга за светата обител од 2008 година таа пишува:

„Постојат две мислења за тоа кој е светецот до светите браќа Кирил и Методиј — дали е тоа оној што ја христијанизирал Ирска во V век од нашата ера и денес е нејзин небесен заштитник, или православниот свештеномаченик Патрикиј, епископ на Пруса, град во древното царство Витинија.

Во двата случаи, со претставувањето во христијански храм на православни светци и, ако не католички, тогаш барем православен светец со католичка митра, фреската е уникатна.“

И покрај признанието за уникатноста на фреската, додека управувала со манастирот, денес покојната Рахила, од причини познати само нејзе, правела сè што било можно фреската да остане скриена од туѓите погледи — освен што фотографирањето во црквата било строго забрането, фреската долго време била покриена и со најлон.

Друг истражувач на М’глижкиот крај, Николај Вапирев, исто така пишува дека претставите на Петјо Ганин до денес предизвикуваат дискусии. За весникот „24 часа“ и тој го изразил мислењето дека зографот, практично, го насликал источниот светец со ликот на западниот.

Сето ова отвора уште едно оправдано прашање — дали, во крајна линија, самиот мајстор-зограф Петјо Ганин е автор на натписот за прускиот свештеномаченик, или натписот бил тајно додаден подоцна, за да се прикрие фактот дека на една иста фреска истовремено биле претставени светци од Истокот и од Западот. Доколку автор на натписот е самиот Ганин, зошто никој пред Димитар Делиски не го забележал и не му посветил внимание, особено ако се има предвид дека казанлачкиот истражувач пишувал за него дури по 1989 година, односно најмалку 80 години по создавањето на фреската? Доколку, пак, натписот претходно не постоел и поради тоа не бил забележан и опишан, тогаш се поставува прашањето кој го напишал, кога и по чија наредба.

Црквата на манастирот „Св. Никола Чудотворец“ кај М’глиж, во која се наоѓа уникатната фреска. Фото: Вањо Стоилов
Главниот влез на М’глижкиот манастир — секој што сака да ја види уникатната фреска поминува оттука. Фото: Вањо Стоилов
Поглед од внатрешноста кон црквата на М’глижкиот манастир — фреската на Петјо Ганин се наоѓа лево од олтарот. Фото: Вањо Стоилов

Ова е уште една причина да се истакне дека, освен реставрација и освежување, на уникатната фреска во М’глижкиот манастир ѝ е потребно и ново, сериозно и темелно истражување. Иако, според свештеници од Стара Загора, тоа во крајна линија и не е важно, бидејќи сите мажи претставени на фреската живееле пред поделбата на Црквата, односно пред расколот во 1054 година, па затоа можат еднакво да се почитуваат и не треба да се делат на источни и западни.

„Пред Бога сите тие се еднакви“, укажува отец Јордан Карагеоргиев.

Последниот иконописец што работел како зограф во М’глижкиот манастир бил Ангел Радушев, кој во 1987 година ја живописал манастирската трпезарија и преостанатите празни места на ѕидовите од црквата. Тоа било во времето на старозагорскиот митрополит Панкратиј. Иако тоа не е изречно наведено, најверојатно токму Радушев е автор на претставата над фреската на Ганин, на која браќата Кирил и Методиј се прикажани како творат во манастирска ќелија. Стилот на ова дело е посовремен. Фреските на двајцата зографи се прифаќаат како диптих, при што се смета дека натписот покрај главата на Патрикиј конечно го определува местото на дејството од горната претстава — манастирот „Полихрон“ во близина на Пруса.



Слични Објави