|

Од Растко до Република Српска

Fb статус на Никица Корубин

Растко Немањиќ бил голем и страстен патник. Поголемиот дел од животот го поминува надвор од својата земја. Иако, денес е еден од најсветите ликови во српската историја, она што го знаеме за Свети Сава е одраз на бурното време во кое живеел. Време на распад на Византија, и времето на падот на Константинопол.

Тоа е и времето, кога во Никеја, ја бара и ја добива архиепископската титулата, директно од монашкиот статус, неканонски и нелегално, за одвојување од Охридската Архиепископија; ама во времето на превласт меѓу Никејското, Трапезунтското царство и Епирското деспотство, односно остатоците од Византија, се чини ништо веќе не било исто, односно се’ било дозволено.

Без разлика на историјата и толкувањето на истата, Растко Немањиќ, односно Свети Сава е битен лик во историјата на Србија. Денес е негов ден и логично, Србите во Северна Македонија го одбележуваат и слават. Она што не е логично е што на нивната прослава, односно т.н. “Светосавска академија”, како што пренесуваат медиумите треба да се обратат и “високи официјални претставници” од Република Српска:

“На Светосавската академија е предвидено обраќање на високи официјални претставници од државава, како и од Србија и од Република Српска”.

Значи, “високи официјални претставници од државава” (тоа сме ние Северна Македонија), ќе присуствуваат на настан на кои ќе присуствуваат или обратат, логично претставници од Србија, и нелогично, односно апсолутно неприфатливо “високи официјални претставници” од непостоечка држава Република Српска. Тие може да бидат “високи” и “официјални” само во составот на Босна и Херцеговина; и токму затоа нашите високи и официјални претставници треба да го одбијат учеството на настан во сопствената држава со недозволиво промовирање на познатиот “српски свет” на наше тло.

Туку, прашањето е, зарем вакво флагрантно негирање на Босна и Херцеговина, е прифатливо и за медиумите кои “професионално и објективно” ја информираат јавноста, за организаторите на настанот, за институцијата која го отстапила објектот (Македонски Народен Театар) и за претставниците на власта кои треба да земат учество?

Да не сме признале некоја држава “Република Српска” во меѓувреме? Или е нормално и вообичаено во сред Скопје, да промовираме (државно, медиумски) непостоечка држава, која директно, со поведението и реториката на “високите официјални претставници” ја загрозува унитарноста на наш пријател и партнер Босна и Херцеговина? Ние, држава членка на НАТО и кандидат за ЕУ, ние, нели “жртвите на туѓите империјалистички митови”? Да не сме соучесници, случајно, на чуден мазохистички начин?

Очекувам, “бурна” реакција на “јавноста” за вакво флагрантно “завземање на страна” во овие бурни моменти за Западен Балкан. Пред да се свртиме кон Источниот Медитеран, каде секогаш и сме биле. Додека се’ уште е на зборови, а не на дела.

Слични Објави