ЌЕ ИЗГРАДИМЕ ЖИМИ…ДА НЕ СЕ КОЛНАМ

Се прашувам дали и во наредната кампања градот Битола ЌЕ ги добие истите ветувања? Сигурно еден дел од ликовите во видеото немаат патувано по оваа делница, а другиот дел имаат сопствени возачи па доколку би патувале сами се сомневам дека ќе успеат да се снајдат со оглед на состојбата, обележаноста и осветлувањето на влезовите во градот Битола (ако можеме да ги наречеме влезови).

Од ветеното ни трага ни глас, граничниот премин „Меџитлија” не поврзува со Европската Унија, па доволно е да се помине по некој километар од двете страни за да видиме каде се тие, а каде сме ние…
По неколкуте километри „слалом” по тесниот пат со изобилство на дупки, само на стотина метри по преминот се приклучувате на нов модерен автопат… Се надевам дека за таков автопат говорите во ветувањата, но не можам да прерачунам колку временски би траела изградбата со оглед на тоа што една улица од сто метри во центарот на градот е затворена цела една година и сѐ уште чекаме да ја асфалтирате.

На истата таа фамозна улица која е буквално прилепена со познатиот „Широк сокак” своевремено никнаа Градска плажа и познатите Битолски пирамиди, кои колку толку ги штитат тамошните жители од прашината на тампонираната улица. Фактот што тој дел од градот е блокиран за сообраќај и не е толку страшен, со оглед на бројот на жители кои останаа во него и изборот на други какви-такви улици кои ги имаат на располагање.

Не е ли грев до толку да го унаказите најопеаниот град во Европа, градот со традиција, со стил на живеење, култура, уметност?! Без срам излегувате со истите ветувања и едните и другите, а граѓаните во надеж очекуваат да видат нешто од она што кај и да е ЌЕ го изградите. Можеби Битола некогаш ЌЕ добие, затворен базен, спортски комплекс, нова клиничка болница (доколку остане медицински персонал за работа)… Топлификација од РЕК Битола, како единствен позитивен проект, доколку е реален од истиот тој РЕК, кој години наназад е само „златна кокошка“ и добар процент на гласови, а другото влијание не би сакал ни да го споменам, а ниту пак очекувам да го решите, затоа што за вас тоа е научна фантастика, со оглед на сѐ она што чекаме дека ЌЕ го реализирате од тоа што дваесет и осум години ветувате дека ЌЕ го изградите…


Благојче Трајковски, член на УК на ГДУ