Бугарија влегува со 10% удел во истражувањата за нафта и гас во Црно Море
Бугарија преку „Бугарски енергетски холдинг“ (БЕХ), влегува во истражувањето за нафта и гас во Црно Море заедно со компаниите OMV и NewMed. Ова го изјави министерот за енергетика Жечо Станков, јави репортер на БГНЕС.
Станков нагласи дека за првпат во поновата историја на Бугарија државата нема да добива само концесиски такси, туку ќе учествува активно со удел во процесот на пребарување и истражување. „Процентот со кој државата ќе се вклучи е 10%“, прецизираше тој.
Како резултат на преговорите, договорено е и дека Бугарија нема да плаќа за веќе извршените три дупчења во Црно Море, туку заедно со OMV и NewMed ќе инвестира во новите две дупчења. Првото од нив веќе е во тек.
„Во БЕХ ќе создадеме дополнителна дирекција која ќе биде одговорна за пребарувањето и истражувањето на територијата на Црното Море“, изјави тој и додаде дека ова е долго очекувана одлука која ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со природен гас.

