Евростат: Бугарија останува најдостапна туристичка дестинација во ЕУ
Бугарија ја задржува позицијата на најдостапна туристичка дестинација во Европската Унија, покажуваат најновите податоци на Евростат за споредбените ценовни нивоа, пренесува БГНЕС.
Според индексот на трошоците за крајна потрошувачка на домаќинствата, каде просекот на ЕУ изнесува 100, Бугарија има индекс 63. Тоа значи дека потрошувачката кошничка во земјата е во просек за 37 отсто поевтина од европскиот просек.
Најголемата предност е кај рестораните и хотелите, каде индексот изнесува 52. Трошоците за сместување и исхрана се за 48 отсто пониски од просекот во ЕУ и значително пониски отколку во Португалија, Шпанија, Грција, Хрватска, Италија и Франција.
Доколку пакет хотелски и ресторански услуги во ЕУ чини 100 евра, во Бугарија истиот би чинел околу 52 евра.
Цените на храната и безалкохолните пијалоци се околу 12 отсто под европскиот просек. Меѓу анализираните популарни туристички дестинации, единствено Турција, која не е членка на ЕУ, има пониско општо ценовно ниво.
Евростат споредува просечни национални цени на повеќе од 2.000 производи и услуги. Податоците не ги прикажуваат цените во одделни туристички места, каде трошоците може да се разликуваат од националниот просек.

