Бугарија и Јапонија ќе ја продлабочуваат економската соработка
Бугарија им придава стратешко значење на односите со Јапонија и ќе продолжи да го развива постигнатото, изјави вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев по средбата со јапонскиот амбасадор Чикахиса Суми, јавува БГНЕС.
Пулев рече дека бугарската Влада ќе ги реализира обврските преземени при посетата на Румен Радев на Јапонија во 2025 година. Како приоритети ги посочи инвестициите, иновациите, трансферот на технологии, индустриското производство и високите технологии. Тој нагласи дека соработката меѓу „Ел Би Булгарикум“ и јапонската „Мејџи“ останува значаен дел од билатералните односи.
Амбасадорот Суми соопшти дека постоечки јапонски инвестициски проект во Бугарија се проширува со нова инвестиција од шест милиони евра. Според него, добрите инженери, квалификуваните софтверски стручњаци и стратешката положба ја прават Бугарија привлечна дестинација и платформа за пристап до европските пазари.
На средбата биле разгледани и можностите за соработка во транспортната и енергетската инфраструктура, вештачката интелигенција, информатичките технологии и високотехнолошката индустрија.
Пулев ги претставил и владините реформи за подобрување на инвестициската средина, вклучително единствена точка за контакт и Централно координативно тело за стратегиски инвестиции, кое треба да им обезбеди административна поддршка на инвеститорите.

