| |

„Рајнметал“ планира заеднички претпријатија и проширување на соработката со Бугарија

Претставникот на „Рајнметал“, Паскал Шрајер, по средбата со бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека германската компанија планира да ја продлабочи соработката со Бугарија и активно да работи на основање заеднички претпријатија, јавува БГНЕС.

На разговорот присуствувал и вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија, Александар Пулев.

„Би сакал да им се заблагодарам на премиерот и на вицепремиерот за поканата. Водевме исклучително позитивни разговори за продлабочување на нашата соработка“, рече Шрајер.

Тој наведе три главни приоритети во идната заедничка работа.

„Првиот е да обезбедиме конкретни капацитети, технологии и стручни знаења што ќе бидат споделени со ВМЗ Сопот. Вториот е потребните материјали за вооружените сили да се произведуваат во Бугарија. Тоа се однесува и на барутот и на муницијата според стандардите на НАТО“, изјави претставникот на „Рајнметал“.

Третата цел е Бугарија да стане значаен дел од производствениот синџир и клучен партнер на германската одбранбена групација.

Шрајер ја потврди заложбата што „Рајнметал“ ја презел есента, кога претставници на компанијата и на бугарските власти разговарале за главните насоки на идното партнерство.

„Свесни сме дека постојат препреки, но активно ќе работиме на создавање на потребната рамка и на проширување на соработката“, додаде тој.

Слични Објави