Бугарија, Романија и Шпанија потпишаа договор за заеднички мисии за заштита на воздушниот простор
Воените воздухопловства на Бугарија, Романија и Кралството Шпанија потпишаа тристран технички договор за спроведување прекугранични операции за заштита на воздушниот простор во рамките на мисијата „Ер полисинг“ на НАТО, јавува бугарското Министерство за одбрана.
Договорот овозможува дежурни борбени авиони од трета земја, во конкретниот случај од Шпанија, да се вклучат во прекугранични операции за воздушно патролирање.
Документот е потпишан врз основа на член 12 од спогодбата меѓу владите на Бугарија и Романија од 2021 година.
Во рамките на Интегрираниот систем на НАТО за противвоздушна и противракетна одбрана, шпанските сили ќе можат да извршуваат задачи за воздушно патролирање во романскиот воздушен простор, каде што моментно се распоредени, како и во бугарскиот воздушен простор доколку биде потребно.
Заедничките мисии „Ер полисинг“ со други земји членки на НАТО се дел од механизмите на Алијансата за гарантирање на воздушната безбедност на државите од источното крило.
Тие придонесуваат за продлабочување на соработката меѓу сојузниците во областа на противвоздушната и противракетната одбрана, како и за зголемување на капацитетите за колективна одбрана.
