| |

Шестмина српски новинари ја напуштиле земјата поради закани по нивната безбедност

Шест новинари ја напуштиле Србија во изминатите две години поради сериозни стравувања за својата безбедност и денес живеат во егзил, а последен таков случај е воениот аналитичар и новинар Александар Радиќ, против кого е поднесена кривична пријава и по кого властите распишале потрага, пренесе БГНЕС.

За новинарските организации Радиќ се наоѓа во егзил, додека според Вишото јавно обвинителство во Белград тој се крие од властите.

Против Радиќ во негово отсуство е поднесена пријава за подготовка на дејствија против уставниот поредок и безбедноста на Република Србија, како и за откривање тајни информации.

Радиќ го привлече вниманието на јавноста откако на 15 март 2025 година прв во изјава за телевизијата Н1 соопшти дека против учесниците на протест во Белград било употребено звучно оружје.

Тој ја образложи одлуката да ја напушти Србија со стравување за безбедноста на своето семејство. Откако неговиот дом бил претресен, а тој бил повикан во Воената полиција за вештачење на одземените компјутери, медиуми блиски до власта објавиле снимки за кои се тврди дека покажуваат следење на Радиќ и на неговата малолетна ќерка.

„И мојата ќерка, која за неколку дена полни 16 години, стана цел. На 23 јуни телевизијата ‘Информер’ прикажа снимки од нејзиното следење, а во текот на денот емитуваше и актуелни снимки како чекам во парк таа да ги заврши своите обврски. Што да направите кога непријателите се многубројни и ви го загрозуваат детето? Заминавме во странство“, наведе Радиќ во писмена изјава за агенцијата Бета.

Тој оцени дека е можно властите да сакале токму да го принудат да ја напушти земјата.

„Ако ме приведат поради информација, тоа би создало лоша слика за малтретирање новинар. Откако создадоа атмосфера на линч, што друго можат да направат освен да ме затворат?“, изјави Радиќ.

Претседателот на Управниот одбор на Асоцијацијата на независни електронски медиуми и член на Постојаната работна група за безбедност на новинарите, Веран Матиќ, изјави дека Радиќ е последниот во низата новинари кои ја напуштиле Србија поради страв за личната безбедност.

Писателот, колумнист и телевизиски водител Марко Видојковиќ живее во егзил повеќе од три години. Тој ја напуштил земјата на почетокот на 2023 година, додека со Ненад Кулачин го водел поткастот „Добар, лош, зол“.

Имињата на останатите новинари не се јавно познати. Според Матиќ, дел од нив не сакаат нивниот идентитет да биде објавен поради правни и безбедносни причини.

Меѓу шестемина, како што наведе тој, има истражувачки новинар, новинарка изложена на постојани закани и навреди, локален новинар кој добивал смртни закани, како и новинар и предавач кој со години бил изложен на закани и напади врз него и неговото семејство.

Матиќ нагласи дека егзилот не значи крај на проблемите.

„Тогаш почнува нова борба – како да се обезбедат правен статус, работа, домување, образование за децата и елементарни услови за живот“, рече тој.

Според Матиќ, за многу новинари таквата неизвесност е поприфатлива од живот во средина во која секојдневно се изложени на јавно таргетирање, закани и кампањи што ја загрозуваат нивната и безбедноста на нивните семејства.

Тој оцени дека шесте случаи во кои лично учествувал во процесот на преселување на новинари имаат заеднички карактеристики – повеќегодишни смртни закани, сериозни нарушувања на безбедноста и организирани кампањи за јавно таргетирање, додека сторителите останувале неказнети.

„Дури и кога осомничените биле идентификувани или приведени, се случувало тие да избегаат, без загрозениот новинар да биде информиран. Тоа дополнително го продлабочува чувството на несигурност“, рече Матиќ.

Според него, особено загрижува тоа што децата, сопружниците и родителите на новинарите се користат како дополнително средство за заплашување, иако немаат никаква врска со професионалната работа на таргетираните новинари.

Матиќ оцени дека притисокот врз новинарите повеќе не се сведува само на директни закани, туку вклучува медиумски кампањи, институционален притисок, економско исцрпување, надзор и правна несигурност.

„Во случајот со воениот аналитичар и новинар Александар Радиќ јасно се гледа како функционира тој механизам“, рече Матиќ, наведувајќи ги обвиненијата, можноста за продолжен притвор, надзорот врз членовите на семејството и очекувањето за долг судски процес како причини поради кои човек може да заклучи дека единствениот начин да се заштити себеси и семејството е да ја напушти земјата.

Тој предупреди и на објавувањето делови од личната комуникација на Радиќ со неколку новинари во соопштение на Вишото јавно обвинителство во Белград, при што биле наведени иницијали и други податоци што овозможуваат нивно идентификување.

„Една од основните претпоставки за слободно новинарство е правото на слободна и доверлива комуникација. Ако новинарите стекнат чувство дека нивната професионална комуникација може да стане предмет на јавно жигосување, тоа неизбежно води кон автоцензура и ја поткопува довербата меѓу новинарите и нивните извори“, предупреди Матиќ.

Според него, случајот со Радиќ го надминува прашањето за судбината на еден човек и може да има долгорочни последици врз слободата на новинарската работа во Србија.

Матиќ посочи дека притисокот не е ограничен само на новинарите. Според него, повеќе од една година во егзил се наоѓаат и шест студенти и активисти кои биле изложени на кривично гонење и политички притисок, додека притисок бил вршен и врз адвокати.

Тој оцени дека голем број граѓани ја напуштиле Србија во изминатите две години поради политички, професионален и егзистенцијален притисок.

„Општество од кое професионални новинари заминуваат затоа што не можат да бидат безбедни или слободно да работат, губи многу повеќе од неколку искусни професионалци – ја губи способноста критички да ја согледува сопствената стварност“, заклучи Матиќ.



Слични Објави