| |

Бургас под светлата на европските рефлектори како домаќин на „Евровизија 2027“

Бургас се најде во фокусот на „Евронјуз“ по повод претстојното домаќинство на „Евровизија 2027“, а медиумот го претставува бугарскиот црноморски град како „сончев морски домаќин“ на натпреварот, јавува БГНЕС.

Во туристичкиот водич се истакнува дека изборот на Бургас бил изненадување, бидејќи по победата на Бугарија многумина очекувале настанот во 2027 година да се одржи во Софија. Според „Евронјуз“, конкурсот следниот мај ќе ги стави плажите, крајбрежната зона и туристичката понуда на градот во меѓународен фокус.

Меѓу главните атракции се наведуваат Централната и Северната плажа, Морската градина, Мостот и пешачкиот центар. Аеродромот во Бургас се наоѓа на околу 10 километри од центарот и има директни врски со повеќе европски градови.

„Евронјуз“ ги издвојува и локалната гастрономија и културните настани, меѓу кои Фестивалот на песочни скулптури и SPICE Music Festival. Како карактеристични јадења и пијалаци се препорачуваат школки на бургаски начин, црноморски калкан, ракијата „Бургас 63“ и пивото „Бургаско“.

Според податоци на „Нумбео“ цитирани од медиумот, оброк во поевтин ресторан чини во просек 12,39 евра, а тристепено мени за двајца во ресторан од средна класа 40,90 евра. „Евронјуз Травел“ посочува и сместување од 32 евра за ноќ, додека петѕвезден хотел на брегот може да чини околу 130 евра.



Слични Објави