Бугарскиот маратонски пливач Цанко Цанков го преплива Ла Манш за девет часа и 21 минута
Бугарскиот маратонски пливач Цанко Цанков го преплива 35-километарскиот проток Ла Манш меѓу Велика Британија и Франција за девет часа и 21 минута. Информацијата на Фејсбук ја објави неговиот менаџер Николај Илиев, јавува бугарскиот дневен весник 24 часа.
„Неверојатно тешко пливање без прекин во водите на Атлантскиот Океан. Цанко е добро, и покрај гребаниците и крвта на рацете во последните секунди на францускиот брег“, напиша Илиев.
Тој им се заблагодари на Бугарите за поддршката, нагласувајќи дека успехот им припаѓа и ним. Илиев соопшти дека придружниот брод со тимот на пливачот безбедно се враќа во англискиот град Довер.
Друг бугарски маратонски пливач, Петар Стојчев, на 24 август 2007 година постави светски рекорд за најбрзо препливување на Ла Манш. Тој ја заврши делницата за шест часа, 57 минути и 50 секунди и стана првиот пливач што го препливал протокот за помалку од седум часа.
