Осум бугарски ученици освоија медали на меѓународен натпревар по англиски јазик во Оксфорд
Осум ученици од помали училишта во Грмен, Сатовча, Гоце Делчев, Хаџидимово и Белица во Бугарија освоија златни, сребрени и бронзени медали на меѓународниот натпревар по англиски јазик „TeenEagle“ во Оксфорд, на кој учествуваа деца од 60 држави , јавува БНТ.
Учениците се натпреваруваа во правопис, пишување есеи, тестови врз основа на литературни дела и дебати на англиски јазик.
„Најтешки беа тестовите, а најинтересни ми беа архитектурата и прошетките низ различни места“, изјави Арда Паша.
Аки Шехов рече дека подготовките барале многу време и посветеност.
„Треба да ја прочиташ книгата, да го гледаш филмот и да ги запомниш прашањата за тестот“, изјави тој.
За учениците, натпреварот бил и можност да запознаат врсници од различни делови на светот. Џамал Џамал го опиша искуството како многу убаво, нагласувајќи дека имало голем број деца од многу држави.
„Се запознав со едно дете по име Абнер од Малезија и тој ми стана еден од најдобрите пријатели“, рече Карим Талип.
Според родителите, зад постигнатиот успех стојат личната мотивација на децата, упорноста и континуираната подготовка.
„Имаше желба да се подготвува – ја прочита книгата, го гледаше филмот и реши многу пробни тестови. Покажа голема упорност, што за мене е гордост како родител“, изјави Емине Талип, мајка на Карим.
Илд’з Паша, мајка на Арда, истакна дека натпреварот им овозможил на децата од помалите населени места да ги покажат своите знаења и способности.
„Ние живееме во мали села и ги немаме истите можности како децата во градовите. Добро е преку вакви натпревари да покажеме дека и децата од малите населени места се паметни, можат да се развиваат и да го покажат она што го учат на училиште“, рече таа.
Со учениците неколку години работи наставникот Исмет Киков, кој смета дека најважно е децата да излезат од својата зона на удобност и да стекнат доверба во сопствените способности.
„Сакам да им порачам на учениците да бидат похрабри, секогаш да се обидуваат и да знаат дека соништата стануваат реалност. Родителите треба да ги охрабруваат и поддржуваат своите деца, а ние, наставниците и раководителите, треба да преземеме поголема одговорност кон учениците, бидејќи тие се нашата иднина“, изјави Киков.
По учеството во Оксфорд, дел од учениците посакуваат еден ден повторно да се вратат таму како студенти.
