Бугарија ја намалува административната тежина во високото образование
Комисијата за образование и наука во бугарскиот парламент го усвои во прво читање предлогот за измени на Законот за високото образование, поднесен од Владата на 10 август. Предлогот доби 12 гласа „за“, немаше гласови „против“, а четворица пратеници беа воздржани, јавува БТА.
Министерот за образование и наука Георги В’лчев изјави дека дипломите ќе се проверуваат службено преку регистрите, без доставување копии или оригинали. Се предлага и универзитетските школарини повеќе да не ги одобрува Владата.
Школарината за платено студирање на државните универзитети треба да изнесува 50 отсто од трошоците за редовно студирање, а нејзиното зголемување во текот на студиите да не надминува вкупно 20 отсто. Во 2026 година бугарските универзитети ги зголемиле школарините во просек за 11 отсто.
„Државна стипендија треба да добиваат редовните студенти на државните високообразовни установи“, рече В’лчев, додавајќи дека студентите на платени студии можат да добиваат стипендии од други фондови, но државата нема обврска да ги обезбедува.

