Полицаецот Антонио Гигов сведочеше во судењето за Ива Михаилова во Кочани
Судот во Кочани денеска го сослуша последниот сведок во постапката против бугарската државјанка Ива Михаилова – полицаецот Антонио Гигов, кој вршел сообраќајна контрола во моментот на тешката несреќа на патот кон Штип во октомври минатата година, јавува БНТ.
Гигов пред судот изјави дека не го видел моментот на судирот. Тој и неговиот колега во тој момент проверувале комбе, го слушнале ударот, а потоа ги виделе последиците од несреќата.
Со неговото сведочење, според досега изнесеното во постапката, нема очевидец кој тврди дека ја видел Михаилова како преминува во спротивната коловозна лента.
Единствениот сведок кој тврди дека го видел самиот судир, Дејвид Крстов, претходно изјави дека Михаилова се движела во својата лента кога нејзиниот автомобил бил удрен.
Гигов рече дека не се сеќава оти го видел Крстов на местото на несреќата.
„Не сум го видел таму. Од луѓето што ги познавам, таму беа Драги Митев, моите колеги и луѓе од други автомобили. Таму беше и Франческо Наков“, изјави Гигов.
Франческо Наков, пак, е еден од сведоците кои тврдат дека Крстов бил на местото на несреќата и помагал при обидите возачите да бидат извлечени од оштетените автомобили.
Во постапката треба да бидат разгледани и наодите од три вештачења. Едното посочува дека Михаилова навлегла во спротивната лента, додека другите две утврдуваат дека автомобилот од спротивната насока навлегол околу 90 сантиметри до еден метар во нејзината лента при заобиколување возило запрено за полициска контрола.
Пред судот претходно се одржа и симболичен протест за поддршка на Михаилова, а на рочиштето присуствуваа и бугарски пратеници од повеќе политички партии претставени во бугарскиот парламент.
