Бугарија до крајот на годината ќе има 11 пилоти подготвени за F-16
Бугарското Воено воздухопловство до крајот на годината ќе располага со 11 пилоти подготвени за авионите F-16, а во април нивниот број треба да се зголеми на 15, изјави командантот на ВВС, генерал-мајор Николај Русев, во утринската програма на БНТ.
Бугарија во моментов располага со осум авиони F-16, со кои се реализирани околу 700 часа летање. Осум пилоти веќе се обучени, а крајната цел е за 16 авиони да бидат подготвени 32 пилоти.
Русев потврди дека се очекува доцнење на испораката на вторите осум F-16, нагласувајќи дека причините се надворешни и не зависат од Бугарија.
„Се прави сè што е можно од двете страни рокот на доцнењето да биде намален, а ако е можно, дел од авионите да бидат испорачани порано“, изјави тој.
Авионите сè уште немаат инсталиран систем за самозаштита и предупредување, а според Русев, резултати во неговото воведување се очекуваат до крајот на 2027 година.
Командантот на ВВС повтори дека една ескадрила од 16 F-16 не е доволна за потребите на земјата и оцени дека треба да почнат разговори за нова ескадрила која би влегла во употреба околу 2035–2037 година. Како преодно решение, тој посочи повеќенаменски борбен авион од западно производство, кој може да биде и половен.
„Една ескадрила категорично не е доволна“, нагласи Русев.
