Отворени 310 нови места за студентско сместување во Американскиот универзитет во Бугарија
Нови 310 места за студентско сместување беа отворени денеска во кампусот на Американскиот универзитет во Бугарија (АУБ) во Благоевград. Крилата „В“ и „С“ на студентскиот дом „Скаптопара III“ веќе ги примија првите студенти, јавува Радио Благоевград.
На официјалното отворање присуствуваа претседателот на АУБ, д-р Џеј Ди Минингер, градоначалникот на општина Благоевград, Методи Бајкушев, и заменик-градоначалничката Борјана Шаљавска.
Со проширувањето на сместувачките капацитети, универзитетскиот кампус добива дополнителни можности за сместување на студентите кои доаѓаат од Бугарија и од странство.
Американскиот универзитет во Бугарија е основан во 1991 година со поддршка на владите на Бугарија и на Соединетите Американски Држави. Универзитетот бил создаден со цел да образува млади луѓе способни да одговорат на предизвиците на транзицијата во Југоисточна Европа и да придонесуваат за развој на општества засновани на демократски принципи, приватна иницијатива, граѓанска одговорност и толеранција кон различните култури.
АУБ ги отворил вратите на 30 септември 1991 година, кога ја примил првата генерација од 208 студенти, од кои повеќето биле од Бугарија.
Денес универзитетот има околу 1.000 студенти од повеќе од 40 држави, а речиси половина од нив се странски студенти. Меѓу земјите од кои доаѓаат студентите се Северна Македонија, Романија, Србија, Албанија, Украина, Грузија, Молдавија, Казахстан, Шпанија и САД.

