Во Пловдив почнува Меѓународниот театарски фестивал „Сцена на крстопат“
Во Пловдив денеска започнува 30-тото издание на Есенскиот меѓународен театарски фестивал „Сцена на крстопат“, кој ќе трае до 21 септември. Во програмата се вклучени најдобрите претстави од изминатата сезона, меѓународни продукции и филмови посветени на истакнати театарски дејци, јавува Darik.bg.
Фестивалот е основан во 1997 година од бугарските актери Стефан Данаилов и Сотир Мајноловски, со поддршка од Општина Пловдив, фондацијата „Авансцена“ и Институтот за медитерански театар. Подоцна во неговата организација и развој се вклучило и бугарското Министерство за култура.
Во досегашните изданија фестивалот бил домаќин на театарски ансамбли од Велика Британија, Франција, Русија, Полска, Србија, Романија, Грција, Северна Македонија, Украина, Турција и други земји.
Програмата традиционално опфаќа повеќе од 25 театарски претстави, како и промоции на книги, творечки средби, изложби, театарски работилници, тркалезни маси и читања на нова бугарска драматургија.
Една од традициите на фестивалот, воспоставена по идеја на Стефан Данаилов, е секоја година во програмата да биде вклучена најмалку една студентска претстава, со цел да им се даде простор на младите актери.
Во текот на годините претставите се одржувале на повеќе локации во Пловдив, меѓу кои Античкиот театар, Домот на културата, Воениот клуб, Куклениот театар и Камерната сала на Драмскиот театар, која од 2020 година го носи името „Стефан Данаилов“.
Фестивалот се реализира со финансиска поддршка од Општина Пловдив и Министерството за култура на Бугарија.

