Бугарската пијанистка Јана Василева Лолова и виолончелистот Антонио Илиоски со заеднички настап на седмото издание на Скопски градски фестивал
Бугарската пијанистка Јана Василева Лолова ќе земе учество во седмото издание на Скопскиот градски фестивал, што ќе се одржи од 18-ти до 26 септември. Таа заедно со виолончелистот Антонио Илиоски ќе ја одржи концертната промоција на албумот „Beyond The Silence“.
На фестивалот ќе се претстават уметници од земјата, Бугарија, Словенија, Албанија, Грција и Црна Гора, во концертни проекти што ги поврзуваат џезот, класичната музика, современото авторско творештво и музичкото наследство на Балканот. Дел од програмата се создава специјално за фестивалот, со нови соработки и премиерни изведби.
„Во седмото издание сакавме регионалната соработка да не остане само на ниво на гостувања, туку фестивалот да биде место каде музичарите навистина се среќаваат и создаваат заедно. Оттука и програмата што поврзува различни генерации, музички јазици и традиции, но и уметници од шест земји кои делат многу повеќе отколку што ги делат границите, велат организаторите од Баги Комуникации.
Основан во 2021 година, Скопскиот градски фестивал во изминатите шест изданија изгради препознатлив програмски идентитет и свое место на домашната културна сцена. Досега фестивалот обедини повеќе од 100 уметници од земјата и регионот, иницираше бројни премиерни концертни проекти и нови уметнички соработки и создаде публика која ја препознава неговата програмска доследност и квалитет, вели орханизаторот.
Јана Василева Лолова е родена во 2001 година во Софија и започнува да свири пијано на петгодишна возраст. Своето музичко образование го стекнува во Националното музичко училиште „Љубомир Пипков“ и на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во класата на проф. д-р Илија Чернаев.
Добитничка е на бројни награди од меѓународни натпревари во Бугарија, Србија и Северна Македонија, меѓу кои и Гран при на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Врање. Особено активно настапува во камерни состави, освојувајќи први и специјални награди во дуа со виолина, кларинет, виолончело и гитара.
Настапувала на меѓународни фестивали и камерни рецитали, а учествувала и на мајсторски курсеви со истакнати музичари. Била стипендистка на престижниот фестивал за камерна музика „Musica Mundi“ во Брисел, каде што работела со реномирани европски и светски пијанисти.
Антонио Илиоски е роден во 2003 година во Скопје. Со виолончело започнува на осумгодишна возраст во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, а своето образование го продолжува на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија, во класата на доц. д-р Атанас Крстев.
Од 2013 година е наградуван на повеќе од 50 национални и меѓународни музички натпревари во Европа, Азија и САД. Меѓу неговите позначајни признанија се наградите на натпреварот „Антонио Јанигро“ во Загреб, меѓународниот натпревар на Persatuan Chopin Society во Малезија, каде што е прогласен за апсолутен победник, како и титулата „Млад уметник на годината“ на меѓународен музички натпревар во Њујорк.
Во 2024 година ја освојува првата награда на Меѓународниот музички натпревар „Полихимнија“ во Скопје. Учествувал на мајсторски курсеви со истакнати виолончелисти и педагози, меѓу кои Сол Габета, Андреј Јонита, Валентин Радутју, Атанас Крстев и Даниел Милер-Шот.

