| |

Марта Кос пред БНТ: Северна Македонија мора да го исполни ветувањето и да го измени Уставот

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Владата на Северна Македонија треба да го исполни ветувањето за уставни измени, нагласувајќи дека нивното спроведување е договорено меѓу земјата и сите 27 членки на Европската Унија. Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ) во Стразбур, таа рече дека по исполнувањето на оваа обврска ќе смета и на поддршката од Бугарија за натамошно придвижување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

„Ќе бидам многу среќна ако го искористиме овој момент на проширување и за Северна Македонија. Верувам во новата бугарска влада, со која работам многу добро. Сите заедно ќе најдеме начин да го придвижиме процесот со Северна Македонија“, изјави Кос.

Според неа, Владата во Скопје треба да ја исполни преземената обврска.

„Тие треба да го изменат Уставот. Тоа е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји членки на ЕУ. Откако тоа ќе биде направено, ќе сметам и на поддршката од вашата земја за да продолжиме напред и со Северна Македонија“, рече Кос во интервјуто за БНТ.

Еврокомесарката оцени дека оваа есен ќе биде „есен на проширувањето“ и посочи дека Европската комисија подготвува патокази за земјите кои се најнапреднати во преговорите.

Според неа, Црна Гора е најблиску до членство, додека за Албанија, Молдавија и Украина ќе бидат подготвени патокази со техничките чекори што треба да бидат спроведени до крајот на мандатот на актуелната Европска комисија.

Кос истакна дека паралелно треба да се работи и на обезбедување поддршка за проширувањето меѓу земјите членки и нивните граѓани, бидејќи приемот на нови членки бара согласност од сите членки на Унијата.

Таа додаде дека напредокот на Црна Гора и Албанија може да ги мотивира и другите земји од Западен Балкан, меѓу кои Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, да го забрзаат својот европски пат. Кос истовремено оцени дека Србија, наместо да напредува, се движи во спротивна насока.

Во интервјуто, еврокомесарката се осврна и на новиот проект за таканаречениот Среден коридор, кој треба да создаде нови трговски, енергетски и транспортни врски меѓу Европа, Јужен Кавказ, Централна Азија и Блискиот Исток.

Според Кос, Бугарија ќе има централна улога во проектот и може да стане „порта за поврзаноста на Европа“, поради својата географска положба на трасата на новите коридори.

Таа најави дека следната година Бугарија ќе биде домаќин на самит за поврзаност што ќе го организираат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и бугарскиот премиер Румен Радев.

Кос рече дека на почетокот на октомври ќе го посети Истанбул по повод отворањето на новата железничка врска меѓу градот и бугарската граница, а како можен следен чекор го посочи модернизирањето на железничката и патната инфраструктура од бугарска страна.

Според неа, развојот на таквата инфраструктура би придонел за меѓународните трговски маршрути, но истовремено би им бил од корист и на бугарските граѓани.

Говорејќи за Украина, Кос изјави дека нејзиниот напредок кон ЕУ ќе зависи од темпото на реформите и од исполнувањето на преземените обврски, при што, како што нагласи, важи истиот принцип на сопствени заслуги како и за другите земји кандидатки.

Таа посочи и на можноста земјите кандидатки постепено да се интегрираат во одредени европски области уште пред членството, наведувајќи ги како примери роамингот и единствената зона за плаќања.

Кос се осврна и на односите со Канада, оценувајќи дека продлабочувањето на нејзината интеграција со европските структури би било значајно за ЕУ. Според неа, повеќе детали за идниот модел на соработка треба да бидат познати по самитот ЕУ-Канада најавен за крајот на октомври.



Слични Објави