| |

Радев: Младите олимпијци отвораат можности за развој на Бугарија како високотехнолошка држава

Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека учениците кои освоиле медали на меѓународните олимпијади по природни науки во 2026 година отвораат можности за развој на Бугарија како високотехнолошка држава, заснована на таленти, наука, квалитетно образование и индустрии на иднината, јавува БТА.

На церемонија во Гранитната сала во бугарската Влада, Радев им врачи признанија на младите олимпијци и истакна дека досега тие освоиле 103 медали на престижни меѓународни олимпијади и натпревари.

„Овој успех покажува дека Бугарија не само што може да се натпреварува со најдобрите во светот, туку може и да ги надминува“, изјави Радев.

Тој го издвои успехот на Андреј Стефанов, кој во текот на едно лето освоил два златни медала – по математика и информатика. Според Радев, само 22 ученици во светот досега успеале да постигнат таков резултат.

Премиерот нагласи дека зад постигнувањата стојат труд, талент и упорност, како и поддршката од наставниците и родителите. Тој посочи дека наставниците имаат клучна улога во откривањето и развивањето на талентот на учениците.

Според Радев, развојот на водечката наука и технологии веќе не е привилегија само на државите со големи финансиски и индустриски ресурси. Тој оцени дека информатичките технологии и вештачката интелигенција им овозможуваат и на поединци и на мали тимови да постигнуваат значајни научни и технолошки пробиви без големи финансиски средства.

Радев изрази уверување дека младите бугарски олимпијци имаат потенцијал за такви достигнувања и посочи дека во земјата веќе има високотехнолошки компании кои, според него, се лидери на европско и светско ниво.

Тој рече дека Владата работи на создавање услови младите научници да останат во Бугарија и таму да го развиваат својот потенцијал.

Радев истовремено оцени дека останува уште многу работа за подобрување на состојбите во образовниот систем, особено во однос на функционалната неписменост.

„Имаме потреба од инспиративен пример и тоа сте вие“, им порача Радев на медалистите, додавајќи дека целта е секое дете да има пристап до квалитетно образование и услови да го развива својот талент.



Слични Објави