| |

Во Атланта отворена библиотека со 800 книги на бугарски јазик за деца и возрасни

Библиотека со 800 книги на бугарски јазик е отворена во рамки на Бугарско-американскиот културен центар во Атланта, САД, соопшти Бугарско-американската културна асоцијација „Роса“ во Атланта, јавува БНР.

Библиотеката располага со книги за деца и возрасни, дела од познати автори и изданија поврзани со бугарската култура и традиција, кои организаторите сакаат да им ги пренесат и на следните генерации.

„Ова е идеја што беше дел од соништата и плановите на центарот во изминатите неколку години. И како секој вистински сон, и овој бараше време, многу труд, трпение и, пред сè, луѓе кои ќе поверуваат во него“, наведуваат од асоцијацијата.

Според нив, книгите биле собрани и пренесени од Бугарија, а секое издание било поединечно подредено и внесено во каталогот.

„Зад сето ова стојат часови доброволна работа и луѓе кои дадоа дел од своето време и енергија за да можеме да ги отвориме вратите на нашата библиотека“, посочуваат од асоцијацијата.

Од Бугарско-американскиот културен центар најавуваат дека фондот дополнително ќе се зголемува и ги повикуваат граѓаните да донираат книги на бугарски јазик.

„Библиотеката допрва ќе расте. Ако имате бугарски книги што би сакале да ги донирате, со задоволство ќе ги прифатиме“, се наведува во објавата.

Каталогот на библиотеката е достапен на интернет-страницата на Бугарско-американскиот културен центар, како и преку платформата Libib.

Заинтересираните можат да добијат членска картичка секоја сабота од 9 до 12 часот и секоја недела од 15 до 18 часот по локално време.



Слични Објави