Бугарија и TUI Group потпишаа меморандум за проширување на туристичката соработка
Министерството за туризам на Бугарија и TUI Group потпишаа меморандум за соработка во резиденцијата „Евксиноград“ кај Варна, со цел проширување на туристичкото партнерство и зголемување на бројот на гости што ја посетуваат земјата преку европскиот туроператор, јавува БТА.
Документот го потпишаа министерот за туризам Илин Димитров и главниот извршен директор на TUI Group, Себастиен Ебел.
Според Димитров, една од главните цели е двојно да се зголеми бројот на туристи што доаѓаат во Бугарија преку TUI Group. Партнерството предвидува и подобрување на воздушната поврзаност, привлекување хотели под брендовите на TUI и организирање спортски настани.
Министерот соопшти дека веќе е постигнат договор за одржување TUI маратон во 2027 година, како и дека соработката треба да придонесе за повторно привлекување туристи од Обединетото Кралство.
Ебел изрази очекување TUI да го прошири своето работење во Бугарија и оцени дека подобрата воздушна поврзаност е клучна за насочување повеќе европски туристи кон различни дестинации во земјата.

