СЛЕДНАТА ЦЕЛ НА ISIS-ЗАТВОРИТЕ ЗА ЏИХАДИСТИ

//

Тешко е да се поверува дека постои некој просечно информиран човек кој верува дека Исламската држава е целосно поразена, скршена и без поголема моќ да предизвика проблеми. Експертите веќе зборуваат за трансформацијата на групата и нејзините нови цели.

Една од тие цели е ослободувањето на поранешните борци на терористичката организација од различните затвори во кои се наоѓаат, по поразот во Сирија.

Сега се појави нова аудио снимка, на која наводно се слуша гласот на водачот на групата Абу Бакр ал-Багдади. Во таа снимка, тој ги повика своите следбеници да ги ослободат џихадистите и нивните семејства од затворите и логорите во Сирија и Ирак.

Во 30-минутната аудио снимка објавена на пропагандните канали на терористичката група, има и видео снимка на Багдади, нешто што не се случило од април годинава.

„Затворите, затворите, војниците на калифот. Направете се што е можно за да ги спасите браќата и сестрите и да ги срушите sидовите што ги чуваат заклучени“, зборува шефот на терористичката група во записот објавен од мрежата Ал Фуркан.

Во текот на изминатите неколку години, тој повеќе пати беше прогласен за мртов од страна руските воени сили, но видеото од април потврдува дека лидерот на џихадистичката организација е се уште жив.

Во најновата аудио снимка Багдади повикува да продолжи глобалната борба за воспоставување исламски калифат, а симпатизерите на групата да вршат операции и терористички напади.

Во моментов, илјадници заробени џихадисти и членови на нивните семејства се наоѓаат во преполни затвори и кампови во Ирак и во градовите контролирани од Курдите во Сирија. Во Сирија, каде што сириските демократски сили поддржани од САД ги поразија последните трупи на самопрогласениот „калифат“ во март, десетици илјади членови на семејствата на терористите се чуваат во специјални логори.

Еден од најголемите кампови од таков тип е Ал Хол во североисточниот дел на Сирија, каде што курдските сили држат 70.000 луѓе, меѓу кои многу жени и деца на терористи. Според експертите кои извршиле увид на местото, условите во овие кампови се исклучително тешки.

Западните влади генерално не сакаат да го олеснат враќањето на терористите на Исламска држава и нивните семејства на своја територија. Со заминувањето на повеќе од 5.000 европски граѓани, повеќето влади во Европа (со исклучок на Германија до одреден степен) одбија да го решат проблемот со враќањето назад на поранешните граѓани на Калифатот.



Западните земји немаат политика за враќање на џихадистите и искрено не се подготвени за нивното пристигнување. Затоа, смртните казни во ирачките затвори имплицитно се прифаќаат со олеснување. Сепак, оваа казна е несоодветна за сите случаи, особено кога станува збор за жени и деца, и така проблемите продолжуваат да се акумулираат без вистинско решение за нив.

Еден од главните проблеми произлегува од тоа што на курдските борци им е тешко да ја одржуваат безбедноста на овие кампови.

Според војниците кои ги чуваат затворите, многу од притворените се крајно опасни, а пренатрупаноста во затворските логори енормно ја комплицира ситуацијата, оставајќи сè повеќе можности за организирано бегство, па дури и бунт меѓу терористите.

Само во изминатата недела имало два големи обиди за бегство, според дописникот на CBS, кој посетил еден од овие затворски кампови.

Со повикот на Багдади за напади врз овие затвори, опасноста е уште поголема. Многумина од поранешните борци на Калифатот сега се кријат во различни градови во Ирак и Сирија. Тие не ја напуштија опасната идеологија и лесно можат да се активираат, велат експертите.

Едно е сигурно – во тек е заживување и реструктуирање на ИСИС и наскоро можеме да очекуваме враќање на проблемите – и на Блискиот исток и во Европа.

(По материјали од странските медиуми)



Претходна статија

ПЕТАР КОЛЕВ: ИМА ПАРИ ЗА ЛУКСУЗ, А НЕМА ПАРИ ЗА ОПЕРАЦИИ ВО СТРАНСТВО

Следна статија

ГРАЃАНИТЕ ЈА ПОДДРЖУВААТ ИНИЦИЈАТИВАТА НА ГДУ ЗА ПОМАЛКУ ПРАТЕНИЦИ И СОВЕТНИЦИ И НУЛА ПРИВИЛЕГИИ ЗА ПОЛИТИЧАРИТЕ

Најново од Анализи & Коментари