| | |

(Видео) Даути: Титова Југославија протерала 300.000 Албанци од СР Македонија и Косово во Турција

„Состојбата на Албанците во времето на титова Југославија е исполнета со периоди на подеми и падови но во повеќето случаи нивната состојба била лоша“, ова го изјави Рилинд Даути, магистер по дипломатија и докторант во сферата на политичките науки, во емисијата Hyde Park на порталот Трибуна.

Даути додаде дека уште во времето на Втората светска војна дел од југословенските партизани наместо да ги концентрираат своите сили во борба против германскиот окупатор вршеле масакри врз албанското население.

„Наместо да ги концентрираат сите сили против германскиот окупатор, дел од југословенските партизани биле зафатени со вршење на масакри врз Албанците.
Таков пример е масакрот во Бар, Црна Гора, и друг пример масакрот во скопското село Блаце“, вели Даути.

Претставникот на младата генерација албански интелектуалци од РС Македонија како пример за анти-албанската политика на титова Југославија ги истакнува и политичките процеси против Албанците спроведувани во поранешната држава во крајот на 40-тите и 50-тите години на минатиот век.
Даути додава дека во тој период имало и насилно преименување на Албанците во Турци се со цел тие да бидат прогонети во Турција.

„Во 40-тите и 50-тите години имало политички процеси против Албанците, полициска тортура и најлошо од се е тоа што имало насилно прогласување на Албанците за Турци за да ги протераат кон Турција. Во денешно Косово и РС Македонија безмалку 300 000 Албанци биле протерани во Турција“, вели Даути.

Тој додава дека врз Албанците била вршена и економска тортура.

Работите за Албанците во Косово се менуваат на подобро по падот на Александар Ранковиќ а во Социјалистичка Република Македонија состојбата на Албанците се подобрува со Уставот од 1974 година.

„Во одредени работи Социјалистичка Република Македонија се однесува многу полошо кон Албанците во споредба со СР Србија“, истакнува Даути.

Според Даути и во независна Р. Македонија волјата на Албанците не била почитувана, потсетувајќи на барањето за Универзитет на албански јазик.

„Имало многу барања од Албанците кои биле одбиени на брутален начин. Таков пример е барањето за Универзитет на албански јазик во 1994 година што завршило со убиен човек од страна на македонската полиција во Тетово.“

Во своето излагање Даути потсетува и на протестите поврзани со почетокот на предавање на албански јазик на Педагошкиот факултет во Скопје.

Што уште кажа Рилинд Даути погледнете во видеото што следи:

Слични Објави