За нашата пасивност во односите со Бугарија*
Facebook статус на Никица Корубин
“Да, има еден таков документ којшто ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна Османи”.(14.04)
“На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, соопштија од бугарското МНР”.(15.04)
Која е потребата постојано да се појавуваме во пасивна позиција во односите со Бугарија останува нејасно. Ниту една иницијатива од склучувањето на Договорот со Бугарија во 2017 и неговото ратификување, не доаѓа од наша страна. На страна што целосно отсуствува проактивност, туку целосно отсуствува и негово спроведување од наша страна, а тоа да не е резултат на своевидна присила или притисок од страна. Па, дури и во оваа нова фаза, од смената на власта во Бугарија, каде има активности, но и тие на иницијатив на бугарската страна, односно премиерот Кирил Петков, секако прифатени и од нас; кој или што не’ тера да се враќаме на овие досегашни пракси, на своевидно глумење на транспарентност и проактивност, со стари (непознати) предлози, одбиени уште во февруари?
Која е таа потреба, останува енигма, да се доведуваме во ситуација на кочничари на самите себе, со флуктуирачки позиции топло-ладно, и со повремени, веројатно временски таргетирани “излети” на нејасни, магливи позиции, што тоа всушност сакаме. Од изјавата дека “има некои структури во нашите институции” кои “се јавувале во Бугарија и работеле против договорот” до сега не видовме се разбира ништо; па и никој особено не се заинтересира од нашата “слободна” медиумска јавност да праша нешто за тој скандал на неконтролирање на сопствените институции; изјава, која секако едвај и го виде светлото на денот.
И наеднаш доаѓаме до ваква “бајата” изјава, која е повторно демантирана од бугарска страна, а на нас фрла светло на конфузно-нејасна позиција. Што можеби и не е далеку од вистината. Времето секако истекува, рокот е француското претседателство, се плашам да помислам кои се тајните преференци на нашите господари за исходот на француските избори, бидејќи ние не сме пасивни само кон Бугарија, туку тоа е начин на водење на политика: постојано чекаме. Чекаме абер, чекаме решение, чекаме друг да ни го реши проблемот. Секако нашите решенија, кои никој не ги знае, се одбиени, навикнати сме ние само на барања, па чудно е кога ќе се соочиме со решение.
А, и никому не му пречи барањето на Албанија да се одвои на патот кон ЕУ, великодушна е нашата политичка елита, има разбирање и интерес за сите други, само како одвреме навреме да заборава која земја предводи и колку би било погубно одвојувањето за нас. А, можеби и не? Уште едно чекање, друг да реши, па друг и да биде виновен. За нашата пасивност и …. кој знае што друго.
*Насловот е на редакцијата
