Бугарскиот туристички комплекс „Албена“, ја претстави Бугарија на Меѓународниот туристички саем во Истанбул
Бугарскиот туристички комплекс „Албена“ учествува со самостоен штанд на четвртото Меѓународно туристичко изложение во Истанбул, каде што е единствената компанија што ја претставува Бугарија. На саемот, кој се одржува во изложбениот и конгресен центар „Кадир Топбаш“, учествуваат повеќе од 345 компании од 29 земји, јавува БТА.
„Албена“ ги претставува можностите за летен, здравствен, балнео и спа туризам, како и за спорт и спортски натпревари. Според менаџерката за турскиот пазар Бирџан Сали, годинава интересот за комплексот е значително поголем, а распоредот за деловни Б2Б-средби е целосно пополнет.
Таа соопшти дека бројот на турски туристи во „Албена“ е зголемен за 45 отсто во однос на минатата година. Во изминатите две години комплексот работи на привлекување организирани групи од Турција, и покрај тешкотиите поврзани со визите.
Заменик-претседателот на Асоцијацијата на турските туристички агенции ТУРСАБ, Хасан Екер, оцени дека олеснувањето на визниот режим би можело дополнително да го зголеми туристичкиот прилив од Турција кон Бугарија.
На изложението се одржуваат околу 8.000 Б2Б-средби со учество на туристички компании и купувачи од десетици земји. За своето претставување „Албена“ е наградена со специјална плакета.
