| |

Што сака да ни каже Мицкоски, знае ли некој?!

Владимир Перев

1. Последнава година премиерот Христијан Мицкоски дава воопштени, нејасни и најчесто декларативни изјави, од кои ништо не може да се разбере и кои не предизвикуваат никаков интерес, ниту дома, ниту кај меѓународната јавност. Неговиот последен говор на Генералното собрание на ООН беше таков – преполн со празни фрази кои не побудуваат никаков интерес и кои можат да се применат и кажат за секоја земја. Тоа беше „гол говор“, ослободен од суштина и со јасно изразени желби за него самиот и за Македонија, за кои желби, со сигурност знаеме, дека вака како што ја води политиката, нема да се остварат. Да видиме…

„Нашата историја нѐ научи дека меѓународните компромиси се многу тешки и дека мирот, стабилноста и интеграцијата бараат политичка храброст и големи жртви… историја обележана со предизвици, со безбедносни ризици од регионални размери, со постојани компромиси и отстапки направени во име на мирот, соработката и повисоките цели на интеграцијата — често по цена на нашето најосновно чувство за достоинство и правда…донесовме навистина тешки одлуки…тогаш правилата мора и ним да им обезбедат предвидливост…дека почитувањето на договорите е знак на сила и мудрост…Нашата амбиција е да станеме сериозна држава.“                                                                 Ништо ново и ништо кое би било од интерес на Македонија, не е кажано. Има ли народ на светов кој не “донесол тешки одлуки или компромиси“, има ли народ кој не бара достоинство и правда?! Нема таков. 

2. Гледано како стил и израз, овој говор е подобар од претходните говори не премиерот, ама по својата суштина е наполно идентичен, дури и понејасен од другите. Само некаде низ изразите обезбедат предвидливост може да се насети проблемот со Бугарија, поточно со реализацијата на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија. Се говори за жртвите кои ги дала “неговата држава“ (без да го споменува името дури ниту со или без Северна), барајќи врз основа на тие наводни жртви, бенефиции за забрзаниот и безусловен прием на “неговата држава“ во ЕС, сето тоа зачинето со словенскиот мит, претежно кај православните словени, за нивната вековна жртва и обесправеност. Ако тоа навистина сакал да го постигне, треба да знае дека “тропал на погрешната врата“, тоа не поминува кај другите држави и народи. Тие не бараат саможртва и вина, тие бараат програма која процесите ќе ги придвижува напред, па макар и со определени губитоци. Ако мислел на губитокот на нашето “оригинално, историско име“ и ставањето на Северна, тоа е одлука на Македонија, Грција и целиот цивилизиран свет, така што тука нема вина, туку само високо ниво на заедништво и согласност. Така не се добиваат поени, така не се прави политика ниту се предизвикува целенасочен меѓународен интерес. Меѓу другото, нема да биде на одмет да се каже дека премиерот Мицкоски и нашиот амбасадор во Америка беа најлошо облечените личности во салонот на ООН – премиерот без вратоврска, а амбасадорот со бела виндјакна, како за на прошетка низ Централ Парк. Затоа и на многуфалената “средба“ (сосема случајна) од една минутка со Марко Рубио, и двајцата изгледаа како случајни луѓе на голем настан. 

3. Сепак, најважни се нештата кои премиерот не ги кажа, а целиот свет ги знае и ги поставува како прашања. Мицкоски да објасни како и зошто само бугарите не можат да бидат дел од Уставот на РСМ а сите други можат, да дообјасни како тоа додека тој е премиер бугарите нема да влезат во уставот и како тој нема да донесува одлуки под “диктат“ на некоја “друга“страна. Како тоа, позиција на телата на ЕС, потпишан договор со Бугарија и потврден од сите членки на ЕС, стана диктат на “некоја“ држава врз Македонија. Премиерот Мицкоски на меѓународната заедница да ѝ објасни што значат термините “вековниот македонски јазик, вековната македонска историја и нашата државност од антиката па сѐ до сега“. Премиерот ќе треба да ја објасни и континуираната антибугарска политика низ сите медии во Северна Македонија, нешто за кое никој не го прашал во ООН, ама во Стразбур и Брисел го добива како “пакет“ од прашања за нарушувањето на човековите права кај нас, за современиот македонски “расизам“ на антибугарска основа, за ботовите на социјалните мрежи чија единствена задача е хистерична антибугарска кампања против новинари и сите носители на борбата за правата на бугарите кај нас. Да се знае, ова е и наша, на бугарите земја и татковина. 

4. Единствено ме загрижува терминот во изјавите на премиерот “додека сум јас премиер“. Дали тоа означува дека веќе има намера да демисионира и се труди да најде негов наследник. Тоа би бил класичен погодок “со еден куршум два…“! Ем се повлекува “достоинствено“, доследен на својот антибугаризам и шовинизам, ем на наследникот му остава за решавање проблем со европски реперкусии. Пред “избраниот“ наследник ќе се отворат бројни проблеми, некои предизвикани од самиот Мицкоски, а некои наследени како реликт на српската/југословенската окупација на Македонија. Така и во тој контекст треба да се гледа и средбата на премиерот со српскиот претседател Вучиќ во ООН, како на средба со која на целиот свет му се предочуваат нашите обврски кон “српскиот свет“ и идејата за некакво јужнословенско единство, како и секогаш штедро потпомогнато од Русија/СССР. Тоа отвара нови видувања и нови прашања. 

5. Прав е дипломатот и историчар Ангел Димитров, копретседателот на заедничката македонско бугарска историска комисија,  кога вели дека „нашите (се мисли на бугарските, заб. моја) политичари навистина би требало да реагираат соодветно. Не треба да се одговара апсолутно на сè што е кажано од другата страна на границата, но кога е неопходно, треба да има многу јасен и категоричен одговор“. 

Доаѓа времето на давање одговори. Мицкоски ќе треба да објаснува што сакал да ни каже и зошто сме таму каде што сме сега…или да си замине! 

Слични Објави