Бугарија очекува раст на туристите од клучните европски пазари
Бугарија бележи позитивни сигнали од клучни туристички пазари, а договорената тригодишна соработка со TUI треба да го зголеми бројот на туристи на компанијата во земјата од 200.000 на 400.000, изјави министерот за туризам Илин Димитров, јавува БНР.
Според него, значително расте интересот од Полска, додека од Германија се очекуваат околу 150.000 дополнителни авионски седишта. Позитивни очекувања има и по средбите со претставници од земјите на Бенелукс.
„Тоа е двојно зголемување на бројот на туристите“, рече Димитров за меморандумот со TUI, додавајќи дека компанијата изразила интерес за инвестиции и формирање кластер во Бугарија.
Димитров на форум по повод Меѓународниот ден на туризмот соопшти и дека е формирана асоцијација на универзитети во кои се изучува туризам. Во неа учествуваат 17 ректори, а седиштето ќе биде во Варна.
Планирано е постепено вклучување универзитети од Балканот и Европа, со цел асоцијацијата во иднина да добие светски карактер.
Ќе биде формирана и Национална опсерваторија за оценување на квалитетот на туристичкиот производ. Според министерот, таа ќе обезбедува детални податоци за секторот, а објектите што подлежат на категоризација ќе имаат QR-код преку кој посетителите ќе можат да го дадат своето мислење.
