Делегација на „Рајнметал“ доаѓа во Бугарија на преговори за воено производство
Делегација на германскиот производител на оружје „Рајнметал“ се очекува да пристигне во Бугарија оваа недела на разговори за планираното производство во земјата, изјави германската амбасадорка Ирене Планк за Бугарското национално радио (БНР).
Според Планк, при работната посета се предвидени конкретни преговори за видот на производството што би се реализирало во Бугарија. Таа истакна дека постои јасно изразена желба за остварување на проектот и од бугарска страна и од германскиот концерн.
Амбасадорката се осврна и на истрагата за експлозиите во магацините на „ЕМКО“, нагласувајќи ја важноста на заштитата на стратешките објекти.
„Безбедноста на стратешките објекти – како воените, така и цивилните – е исклучително важна во контекст на цела Европа. Во однос на случаите во ‘ЕМКО’, сметам дека е многу добро што бугарските власти спроведоа обемна и темелна истрага за околностите што доведоа до тоа“, рече Планк.
Таа го нагласи и значењето на бугарското одбранбено производство за европската безбедност.
„Бугарската одбранбена индустрија има големо значење во контекст на заедничката европска одбрана“, изјави амбасадорката.
Планк оцени дека зачестените инциденти во последно време не би требало да влијаат врз соработката меѓу Бугарија и Германија, ниту врз инвестициите во военоиндустрискиот комплекс.
