По свечената церемонија, посмртните останки на цар Самoил положени во мермерен саркофаг во базиликата „Света Софија“
Ковчегот со посмртните останки на цар Самоил беше положен во мермерниот саркофаг во базиликата „Света Софија“, откако патријархот Даниил ја предводеше заупокоената богослужба, јавува БТА.
„Со длабока почит и синовска оддаденост го пречекуваме саркофагот со посмртните останки на еден од најдостојните и најголемите владетели на бугарскиот народ – цар Самоил“, рече тој во својот говор.
Меѓу присутните во храмот беа претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, претседателката на парламентот Михаела Доцова, премиерот Румен Радев, министри, претставници на државните институции, дипломати и други.
Поворка ги придружуваше посмртните останки на цар Самоил до храмот. Саркофагот беше поставен во јужниот дел на попречниот брод на базиликата „Света Софија – Божја премудрост“. Во својот конечен облик тој ќе тежи околу два и пол тона. Изработен е од мермер што потекнува од исконските бугарски земји на Самоиловото Царство.
Саркофагот вчера беше склопен во базиликата „Света Софија – Божја премудрост“. Саркофагот, изработен во Велинград, е со приближни димензии од 2,30 метри должина, 90–100 сантиметри ширина и 85–90 сантиметри висина. Предвидено е во него да се смести дрвен ковчег. Изработката започнала на 25 септември по иницијатива на Министерството за култура, со благослов на бугарскиот патријарх Даниил. Одлуката за изгледот на саркофагот ја донела Софиската митрополија.
Со проектот се предвидени христограм, приказ на архангел Михаил, Самоиловата тврдина со лавови, како и прикази на два пауна и дворец. Поединечните прикази се изработени како панели што се вградени во саркофагот.
Во Музејот на византиската култура во Солун утрово се одржа официјалната церемонија на предавање на посмртните останки на бугарскиот цар Самоил (997–1014 г.) од Грција на Бугарија. На церемонијата присуствуваа премиерот Румен Радев и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Од бугарска страна учествуваа и вицепремиерот Иво Христов, министерот за култура Евтим Милошев и претставници на академската заедница. Од грчка страна учествуваше и министерката за култура Лина Мендони.
Врз основа на спогодбата меѓу Софија и Атина, Грција ѝ ги предава на Бугарија останките идентификувани како останки на цар Самоил, откриени во 1969 година во базиликата „Св. Ахил“ во Малото Преспанско Езеро од грчкиот археолог проф. Николаос Муцопулос. Бугарија, од своја страна, ѝ предава на Грција 48 црковни реликвии. По завршувањето на церемонијата, посмртните останки беа пренесени во Софија со воен транспортен авион „Спартан“.
Со свечена државна церемонија во центарот на Софија, Бугарија ги пречека посмртните останки на цар Самоил. Во рамките на државната церемонија „Бугарија го пречекува цар Самоил“, премиерот Румен Радев одржа говор. При изведувањето на химната на Бугарија одекнаа 21 артилериски плотун. Церемонијата продолжи со поворка до црквата „Света Софија“, каде што граѓаните ќе имаат можност да им оддадат почит на посмртните останки на цар Самоил.
