Петрова по средбата со Муцунски: Бугарија нема нови услови за Северна Македонија, очекуваме исполнување на обврските од 2022 година
Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова по билатералната средба со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски во Софија, јавува БГНЕС.
„Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Таа беше побарана од страна на Република Северна Македонија и јас ја прифатив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Северна Македонија, при што условите за неа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорениот консензус“, истакна Петрова.
Таа соопшти дека од Муцунски побарала да го претстави ставот на Скопје за роковите во кои ќе бидат исполнети преземените обврски.
„Од нивна страна ставот е дека треба да се изгради чувство на доверба. За мене основниот начин да изградиме доверба е исполнувањето на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во таа насока“, изјави министерката за надворешни работи.
Петрова посочи дека другите држави од Западен Балкан, меѓу кои Албанија и Црна Гора, покажуваат политичка волја за напредок на нивниот европски пат.
„Се надевам дека тоа ќе се случи и со Северна Македонија“, додаде таа.
Бугарската министерка за надворешни работи нагласи дека Софија не поставува дополнителни услови пред Скопје.

