ЕУ обезбедува сателитски податоци за Бугарија и Романија по нападите со дронови во Црното Море
Европската агенција за поморска безбедност (ЕМСА) им обезбедува сателитски податоци на Бугарија и Романија за процена на состојбата по нападите со дронови врз трговски бродови во Црното Море. Ова го соопшти Европската комисија на прес-конференција, според објавата на „Бугарски воен журнал“.
„На барање на двете земји обезбедуваме сателитски податоци за подобра процена на состојбата по нападите. Внимателно ја следиме ситуацијата“, изјави портпаролот на Европската служба за надворешно дејствување, Кристијан Виганд.
Тој ги осуди нападите и предупреди на заканите за безбедноста на пловидбата во Црното Море.
„Овие напади се целосно неприфатливи. Рускиот воен напад врз Украина создава сериозни закани во Црното Море, вклучително и за слободата на пловидбата“, рече Виганд.
„Русија мора да ги запре сите дејства што ги загрозуваат меѓународната пловидба и животите на морнарите и да го почитува меѓународното поморско право“, порача тој.
Според Виганд, Бугарија и Романија имаат клучна улога во заштитата на источното крило и добиле вкупно 20 милијарди евра за проекти во областа на одбраната.
Дел од средствата веќе се исплатени однапред, вклучително и половина милијарда евра за Бугарија и 2,5 милијарди евра за Романија, наведе портпаролот. Тој додаде дека двете земји ќе учествуваат во вкупно пет заеднички европски јавни набавки во областа на одбраната.

