Јотова: Бугарија остро ги осудува нападите врз трговските бродови во Црното Море
Бугарија остро ги осудува нападите врз два трговски брода во Црното Море и бара брза истрага на инцидентите, дипломатска деескалација и спроведување на препораките на Консултативниот совет за национална безбедност, се наведува во ставот на претседателката на Бугарија Илијана Јотова, јавува БГНЕС.
„Бугарија остро ги осудува најновите случаи на напади врз трговски бродови во Црното Море, кои претставуваат грубо кршење на меѓународното хуманитарно и поморско право“, се наведува во соопштението.
Бродот CHELSEA 3, кој пловел под малтешко знаме, бил погоден од три беспилотни летала, додека HS Dignity, под знамето на Гвинеја-Бисао, потонал источно од Крапец. Екипажот на првиот брод и морнари од вториот биле спасени во акција во која учествувале бугарските вооружени сили, Граничната полиција и Морската администрација.
Според Јотова, нападите ја загрозуваат слободата на пловидбата и безбедноста на синџирите на снабдување и создаваат значителен ризик за Бугарија.
Во ставот се повикува Бугарија, заедно со своите сојузници и партнери, да работи на брзо расветлување на инцидентите и на деескалација на конфликтот преку дипломатија и преговори, како и итно да ги спроведе препораките од седницата на Консултативниот совет за национална безбедност од 7 октомври 2026 година.
