Радев разговараше со руската амбасадорка во Бугарија по нападите врз бродови во Црното Море
Бугарскиот премиер Румен Радев разговараше со руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, по новите напади со дронови врз трговски бродови во Црното Море, во близина на бугарското крајбрежје. Средбата траела помалку од еден час, објави Нова телевизија, пренесува БГНЕС.
Повод за разговорот биле нападите врз два брода. „Челси 3“, кој пловел под малтешко знаме, бил погоден од три воздушни дрона на околу 18 наутички милји источно од Бјала. Сите 15 членови на екипажот биле евакуирани, а петмина добиле медицинска помош поради полесни повреди.
Друг брод потонал во близина на Крапец, при што, според првичните информации, е спасен еден морнар.
Радев претходно ги оцени нападите како „апсолутно неприфатливи“ и изјави дека засега нема категорични докази за потеклото на дроновите.
Бугарија ќе побара меѓународна поддршка за истрагата и за засилување на надзорот над воздушниот и морскиот простор. Софија ги известила своите постојани претставници во НАТО и Европската Унија, а Радев најави и разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
