Бугарија може да добие околу 1 милијарда евра за трансформација на енергетскиот комплекс „Марица-исток“
Околу 1 милијарда евра европско финансирање може да бидат насочени кон трансформацијата на енергетскиот комплекс во т.н. Маришки базен. Средствата ќе дојдат од Планот за закрепнување и отпорност и од Фондот за праведна транзиција, јавува 24 часа.
Рудниците „Марица-исток“ и ТЕЦ „Марица-исток 2“ се издвоени од БЕХ и влегуваат во нов холдинг „Марица-исток“, во чија структура е и друштвото за обновување на рударските терени. Според Министерството за енергетика, реформата треба да создаде одржлива перспектива за комплексот и да спречи вкрстено субвенционирање меѓу секторите во енергетиката.
Од 2027 до 2031 година е предвидена рекултивација на околу 20 000 декари. Околу 18 000 декари ќе бидат наменети за јавни потреби, паркови, шуми, земјоделски површини и други активности, а меѓу 2000 и 3000 декари се планирани за индустриски зони.
На рекултивираните терени се предвидува изградба и на три фотоволтаични паркови со батерии, како и потребната електропреносна инфраструктура. Околу 800 лица ќе бидат ангажирани во овие активности.
Холдингот треба да создаде услови за привлекување инвеститори и нови производства. Меѓу разгледуваните можности се рециклирање и производство на батерии, рециклирање фотоволтаични панели, производство на ѓубрива врз основа на јагленови слоеви и извлекување реткоземни елементи.
И покрај зелената трансформација, целта е „Марица-исток“ да ја задржи својата улога на важен енергетски и индустриски центар. Според заменик-министерот за енергетика Кирил Темелков, не се предвидуваат отпуштања, а дел од вработените во рудниците ќе можат да бидат насочени кон рекултивацијата и новите економски активности.

