Бугарски европратеници повикаа на европски мерки за безбедноста во Црното Море
Бугарските европратеници Андреј Новаков и Емил Радев, заедно со свои колеги од Комисијата за одбрана во Европскиот парламент, ги осудија нападите врз трговски бродови во близина на бугарското крајбрежје. Во заедничко видеообраќање, претставниците на Групата на Европската народна партија изразија солидарност со Бугарија и повикаа на конкретни мерки за безбедноста во Црното Море, јавува БНТ.
Андреј Новаков нагласи дека нападите веќе не се само бугарски проблем и бараат заеднички европски одговор. Како конкретен чекор во таа насока, тој најави дека заедно со својот колега Емил Радев иницираат посета на делегација од европратеници на Софија и Варна во текот на следните две недели. Во неа ќе учествуваат претставници на Комисијата за одбрана, кои ќе посетат критична инфраструктура поврзана со безбедноста на луѓето.
Потребата од европска поддршка ја нагласи и Емил Радев, кој предупреди на ризиците за бугарската економија и туризмот. Тој побара и помош од европските партнери и сојузниците во НАТО за подобра заштита на трговската пловидба.
Во овој контекст, меѓу предлозите беше и создавање европска поморска мисија во Црното Море по моделот на „Аспидес“. Со јасно определен одбранбен мандат, таа би ги придружувала и заштитувала трговските бродови и нивните екипажи.

