Бугарката Марија Дренчева, стипендистка на INSAIT, меѓу 20-те избрани од над 3.000 кандидати за престижна европска стипендија
Бугарската студентка Марија Дренчева, стипендистка на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, е меѓу само 20 млади жени од цела Европа наградени со престижната стипендија Women in Computer Science Scholarship на технолошката компанија Bending Spoons. Годинава за стипендијата се пријавиле над 3.000 млади жени од различни европски држави, соопшти прес-центарот на универзитетот, пренесува Novini.bg.
Bending Spoons е една од најбрзорастечките технолошки компании во Европа, со проценета вредност од над 25 милијарди американски долари. Компанијата ги поседува светски познатите дигитални платформи Vimeo, Evernote, WeTransfer, AOL и Eventbrite. Преку својата програма за стипендирање таа поддржува талентирани млади жени кои избрале да се развиваат во областа на компјутерските науки.
Како дел од програмата, Марија Дренчева учествуваше на посебен настан во Милано, Италија, кој ги собра годинашните добитнички на стипендијата.
Марија Дренчева е студентка на Факултетот за математика и информатика при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и стипендистка во програмата EXPLORER на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT). Неодамна беше избрана меѓу 20 студенти од целиот свет за престижната летна истражувачка програма на Сојузната политехничка школа во Цирих (ETH Zurich), за која се натпреваруваа 2.500 кандидати. Нејзин научен труд, изработен заедно со истражувачи од INSAIT, беше прифатен и на ICLR во Сингапур — една од водечките светски конференции во областа на вештачката интелигенција.
На 5 октомври, стипендистите од третата генерација на програмата EXPLORER на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Софискиот универзитет беа поздравени од премиерот Румен Радев, министерот за образование и наука проф. Георги В’лчев, ректорката на Софискиот универзитет проф. Елиза Стефанова и основачот и научен директор на INSAIT проф. Мартин Вечев, на церемонија во Советот на министри.
Годинава во програмата се вклучени 15 млади таленти — повеќе отколку во првите две изданија на EXPLORER заедно. Дел од нив избрале да студираат во Бугарија, иако имале можност да го продолжат образованието на елитни универзитети во странство. Тие се добитници на награди на натпревари по роботика, олимпијади и турнири по математика, информатика, лингвистика и вештачка интелигенција.
