Бургас добива над 4,8 милиони евра за организација и реализација на „Евровизија 2027“
Владата на Бугарија одобри дополнителен трансфер од над 4,8 милиони евра во буџетот на Општина Бургас за обезбедување средства за подготовка и одржување на музичкиот натпревар „Евровизија 2027“, јавува БГНЕС.
Средствата се наменети за подготовка и одржување на натпреварот според утврдениот распоред, вклучително и за навремено организирање на пробниот настан и последователната техничка подготовка на салата „Арена Бургас“.
Бургас е избран од Бугарската национална телевизија (БНТ) и Европската радиодифузна унија (ЕБУ) за град домаќин на 71. издание на „Евровизија“, кое ќе се одржи во мај 2027 година. Натпреварот е платформа за јавна дипломатија и за зацврстување на угледот на земјата како клучен партнер во европскиот културен и медиумски простор. Неговото одржување претставува стратешка инвестиција со висок поврат за земјата домаќин.
Реализацијата на настан од ваков обем бара значителна организациска, логистичка и техничка подготовка. Меѓународното искуство покажува дека подготовката и одржувањето на натпреварот се спроведуваат во партнерство меѓу јавниот телевизиски сервис на земјата домаќин, градот домаќин и владата, која обезбедува институционална координација, финансиска поддршка, безбедност и јавен ред.
