„Базар на професиите“, чија цел е да ги поврзе младите со деловниот сектор, ќе се одржи денеска и утре во Софија
Ученици, родители и наставници ќе се сретнат со претставници на деловниот сектор на „Базар на професиите“, кој се одржува денеска и утре, 16 и 17 октомври, во конференцискиот центар „Планет Шварц“ во Софија. Влезот е бесплатен, соопштија организаторите од Бугарската мрежа на Глобалниот договор на ОН, пренесува БТА.
Во фокусот на годинашното издание се практичните работилници. Преку игри со улоги и предизвици, учесниците ќе се запознаат со различни професии и ќе решаваат конкретни задачи и ситуации од работната практика.
Програмата опфаќа средби со професионалци и активности во областа на инженерството, енергетиката, финансиите, управувањето со аеродром, одржливиот развој, 3Д-моделирањето и вештачката интелигенција.
За денеска во 12:40 часот е предвидена дискусијата „Вештини на иднината“. На неа ќе учествуваат новинарот и ИТ-специјалист Георги Караманев, ученикот Георги Генев, новинарката и писателка Доника Ризова, Јоана Јончовска-Рударска од софискиот центар за кариерно насочување и советување, главната уредничка на „BGlobal“, Красимира Георгиева, и Јанка Захариева, менаџерка за привлекување кадри и брендирање на работодавачот во „Аурубис Бугарија“.
Дискусијата „Вештачката интелигенција и професиите на иднината“ ќе се одржи на 17 октомври во 13:20 часот. Учесници ќе бидат Георги Караманев, Васил Анастасов од „ДевХабУан“ и Радостина Христова, инфлуенсерка, коосновачка и претседателка на Бугарската асоцијација на создавачи на содржини.
Предвидена е и презентација за употребата на вештачката интелигенција во учењето и кариерниот развој, со „Лидл Бугарија“, која ќе ја одржат Гергана Раковска и Диана Андреева од Фондацијата на бизнисот за образованието.
На работилниците учениците ќе се запознаат со инженерските професии во „Асарел-Медет“, „Аурубис“ и „Софија-Мед“, со работните места на софискиот аеродром преку „СОФ Конект“ и со банкарските професии преку ОББ.
Младите од „ДевХабУан“ ќе претстават 3Д-моделирање, а „Кока-Кола ХБК“ ќе ја презентира „Мисија H2O со водата Банкја – извор на живот. Секој ден“.
Во двата дена ќе има активности во зоната на Центарот за кариерно насочување и советување – Софија, наменети за препознавање на способностите и силните страни на учениците, како и во зоната на „Лидл Бугарија“.
Почетокот на програмата е закажан за 16 октомври во 10:10 часот, со разговор за природната и вештачката интелигенција меѓу Дарина Георгиева, извршна директорка на Бугарската мрежа на Глобалниот договор на ОН, и психологот Слави Стоев.
